Фото: Petrovskyz

Витолиште е сместено во подножјето под источната падина на планината Козјак, од десната страна на Црна Река во пределот познат како Старо Мариово. Веднаш југоисточно над селото се издигнува густа мешана шума со особена застапеност на квалитетен црн бор, над која се издигнува познатиот превој Трибор (1.442 м н.в.) преку кој води патот кон тиквешкиот дел на Мариово, како и највисоките врвови на планината Козјак – Балтова Чука (1.822 м н.в.), Перун (1.703 м н.в), Српјановец (1.540 м н.в) и Ковачевска Чука (1.566 м н.в.). Според ваквата местоположба, селото Витолиште се наоѓа токму во средишната точка меѓу мариовските села Полчиште веднаш на југ, Бешиште на југозапад, Манастир и Мелница со познатиот манастир „Св. Илија“ на запад, Живово и Врпско на север и Рожден, Мрежичко и Клиново на исток во тиквешкиот, односно кавадаречки дел на Мариово. Поради ваквата местоположба, од Витолиште водат повеќе земјени и шумски колски патишта во правец на сите овие села, кои најчесто се користат за шумарството. Селото е ридско и се наоѓа на надморска височина од 830 метри

Витолиште е најголемото село во прилепскиот дел на Мариово и претставува негов природен рурален центар, поради што до 2004 година беше седиште на истоимената општина, а денес – село во најјужниот дел на Општина Прилеп. Витолиште има мошне голем атар, кој зафаќа површина од 63,3 квадратни километри и се допира со атарот на Општина Кавадарци. На него сите три вида аграрни структури заземаат големи површини, така што на обработливото земјиште отпаѓаат 1.424 ха, шумите заземаат површина од 1.428 хектари, а на пасиштата дури 1.132 хектари. Селото Витолиште и неговата околина честопати се опишувани во делата на македонскиот писател Стале Попов.
Витолиште е едно од најстарите и најголеми села во Мариово. За присуството на луѓе и организиран живот на овој простор сведочат и повеќето археолошки наоѓалишта и наоди од праисториски и античко време, меѓу кои е и една камена плоча со римски натпис, која стои веднаш крај селската чешма. Најстариот запис во кој се споменува селото Витолиште потекнува од втората половина на 15 век, односно од турските пописни дефтери од 1476/77 кога во селото живееле 80 семејства, потоа во 1481/82 биле попишани 112 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 188 дома во 1519 година и 204 домаќинства во 1528/29, како и големо намалување на 55 семејства во 1544/45 година. Во овој период Полчиште спаѓало во нахијата Мориово во Прилепската каза. Тоа било најголем производител на пченица, градинарски производи и едно од малкуте села што одгледувале лен, а поради својата големина и богатство тоа плаќало и најголем данок во цело Мариово. Од овие записи се знае дека во првата половина на 16 век, Витолиште било село во кое се одгледувале најмногу свињи и пчелни кошници, а имало и седум воденици и овоштарски расадници (хасса-поседи).
За големината на селото Витолиште во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот запишал дека селото имало 200 куќи со нова црква „Свети Атанасија“ и стара црква „Свети Никола“.

Во 19 век, Витолиште било село во Прилепската каза на Отоманското Царство. Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век во времето на револуционерните и народноослободителни борби во Мариово, посебно во селата во битолскиот дел, била многу засилена грчката црковно-просветна и оружена пропаганда, при што Витолиште било до линијата на нејзината граница. Во 1903 година по крвавото задушување на Илинденското востание, дејството на борбите се пренесува во Мариово, при што бил нападнат турскиот гарнизон во Витолиште. На почетокот на 20 век во 1909 година со отворањето на трикласно училиште со интернат, Витолиште станува и образовно средиште на Мариово.
За времето на НОБ во Втората светска војна партизанските единици во два наврата го нападнале рудникот на Лигураса над селото Витолиште, кој го експлоатирале Германците, при што неколку борци ги положиле своите животи во тие борби, меѓу кои и народниот херој Манчу Матак. Во спомен на загинатите борци во овие борби во НОБ постои споменик во Витолиште и на месноста Лигураса.
Селото Витолиште отсекогаш, па сѐ до денес е населено исклучиво со македонски православни родови. Поради далечината и непристапноста на Мариово, речиси сите родови се староседелски или старинци доселени од околните и соседни мариовски места, а многу мал дел водат подалечно потекло од соседната област Меглен. Родови и семејства што живеат во Витолиште се: Чакревски, Биновски, Ристевски, Шаоски, Најдовски, Цветкоски итн. Д.Ст.


Витолиште има голем број културно-историски споменици

Витолиште има голем број културно-историски споменици, цркви и манастири богати со фрески и богата културна традиција. Посебно место заземаат Првата мариовска буна на Балканот против Отоманското Царство, Спомен-костурницата на загинатите борци во НОБ, Споменикот на паднатите борци на Лигураса (меѓу кои и Манчу Матак), Надгробната плоча на војводата Толе Паша и неговиот син Велјан, Спомен-плочата на родната куќа на писателот Стале Попов. Мариовската носија зазема посебно место во ризницата на културното наследство. Д.Ст.


Археолошки наоѓалишта

Витолиште изобилува со археолошки наоѓалишта, кои сведочат за неговата исклучително долга историја, почнувајќи од неолитот:
Бојков Дол – населба од доцноантичко време
Влајкова Чешма – населба од римско време
Вртко Ливада – населба од доцноантичко време
Горе Река – населба од римско време
Гробишта Св. Илија – некропола од римско време
Ѓерек – населба од римско време
Заградничка Чука – утврдена населба од доцноантичко време
Задна Река – Грмајте – населба со некропола од доцноантичко време и некропола од средниот век
Каравашчина – населба од доцноантичко време
Ковачево – населба од доцноантичко време
Лачникот – некропола од римско време
Лигораса – населба од доцноантичко време
Моклиште – населба од римско време
Полените – населба од римско време
Пртева Ливада – населба од доцноантичко време
Св. Петка – населба од доцноантичко време и раниот среден век
Св. Харалампија – некропола од римско време
Сињак – населба од доцноантичко време
Царичина Нива – населба од неолитско и римско време
Црква Св. Атанас – осамен наод од римско време
Црквиште – населба од средниот век
Шупливец – населба од римско време.