Фото: Пиксабеј

Секое овошје, па и вишните, има малку маснотии и белковини, па и калории, но затоа изобилува со витамин Ц, витамини од Б-комплексот и минерали – калиум, железо и кобалт. Вишната е овошје што во современата исхрана има високо место. Можеме да ги консумираме како сокови, џемови, сирупи, компоти, сладоледи… Сега ќе се запрашате каква врска има сето тоа со здравата исхрана? Вишните се поздрави отколку што можеби мислите. На нашите простори, вишните дошле од Мала Азија уште во времето на Римјаните, а денес се одгледуваат плантажно.
Енергетска вредност на вишните е само 46 килокалории на 100 г, а карактеристиките не се менуваат ниту кога се замрзнати. Затоа во вишните уживаме цела година. Овошјето содржи моќни антиоксиданти што се наоѓаат во неговиот пигмент (антоцијани) и имаат голема улога во превенцијата на најтешките болести. Покрај гликоза, вишните содржат и киселини (јаболкова, лимонска и винска), кои со содржината на вода (околу 85 проценти) влијаат освежувачки и окрепнувачки на организмот. Тоа е и причина зошто сокот од вишни е толку вкусен.
Вишната помага во спречувањето рак, анемија, инфаркт, мозочен удар и атеросклероза. Познато е дека сокот од вишни го намалува крвниот притисок, па вишната ја ценат и луѓето што страдаат од хипертензија. Вишните се одлични и за висок холестерол, бидејќи антиоксидантите спречуваат лошиот ЛДЛ-холестерол да оксидира и да ги оштети крвните садови. Таа навистина е чувар на целиот кардиоваскуларен систем. Одличен извор е и на витамин Ц, кој поволно влијае на одбранбените сили на организмот против инфекцијата. Покрај тоа, вишните го подобруваат видот, ја намалуваат коагулацијата на крвта, го подобруваат квалитетот на сперма кај мажите, ја подобруваат анемијата кај жените по менструација, го спуштаат притисокот, ги олеснуваат ревмата и гихтот.