Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, од денеска ќе излегува на викенд-страниците на рубриката магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците.
Во 2000 година бев четврта година во средното ветеринарно училиште и тогаш целосно одличните ученици не полагаа матура, што ми овозможуваше да се концентрирам на подготовките за студии во странство. Мојот избор беше Париз.
Подготвувајќи се за студии по природни науки на „Сорбона“, се запознав со француски доктор од меѓународната хуманитарна организација „Доктори без граници“, кој беше посветен на бегалската криза во Македонија. Во разговор со него околу моите идни студии, тој ме праша дали јас како млад човек што своето средно образование го посветил на животните и се стреми да продолжи со врвни студии на природни науки можам да ветам дека ќе помогнам околу ситуацијата со бездомните кучиња. Моето семејно воспитување ми наложува да не ветувам ништо што не можам да го исполнам, па затоа сум ветил само три работи во животот што потоа сум ги исполнил. Ме гледаше во очи, се приближи и овој пат без насмевка повторно ми рече: „Вети ми“. Му објаснив дека не сум во можност да ветам нешто што не зависи од мене. „Во ред, но вети ми дека ќе се обидеш“. Од тој момент до денес поминаа точно 25 години, а уште се сеќавам на неговиот сериозен и загрижен поглед, кој во мене гледаше некаква надеж што не можев, а искрено не ни сакав, во тој момент да ја претставувам.
Следуваа години на дипломирање природни науки, па магистрирање екологија и животна средина, па малку предавање на „Сорбона“, неколку научни труда, публикации и проекти на различни континенти, пред да се вратам во 2019 година повторно да живеам во Македонија. Тука со сопругата се навративме на нашите ветеринарски средношколски денови и го основавме центарот за благосостојба на миленици „Туту“, во кој работиме на воведување нови стандарди во негата на милениците, притоа поврзувајќи се трајно со познати компании од Париз, Чикаго, Шангај и во Токио за потоа преку академијата да ги споделуваме знаењето и искуството со идни груминг-професионалци од Македонија и од соседството.
Како што поминува времето, така ни се шират активностите, хоризонтално и вертикално, и учествуваме во основањето на неколку невладини организации за заштитата на животната средина и благосостојбата на животните. Во 2024 г. со докторката по ветеринарна медицина Искра Бекриќ започнавме поткаст со наслов „Откритие“, на кој се фокусираме на целата палета на животни и миленици без редуциран фокус на бездомните кучиња. Целта е целосно иста како и оваа колумна, а тоа е издигнување на јавната свест за состојбата на сите животни во Македонија, а преку нив и на целиот екосистем и секако на нашата животна средина. Во април 2024 г. партнери од Франција ми праќаат најнова вест на темата бездомни кучиња, а тоа е законски прогласениот указ за одобрување на уништувањето скитнички, лутачки или злонамерни кучиња. Јавно достапниот документ е доставен до редакцијата на „Нова Македонија“ и во него се дефинираат часот и начинот на отстрелот на кучиња со куршуми. Може да се прочита на страницата: https://www.aveyron.gouv.fr/contenu/telechargement/23951/198382/file/RAA%20N%C2%B012-2024-171%20du%2010.04.2024.pdf.
Оваа информација кај мене инспирираше многу прашања. Најнапред како тоа во 2024 година, во една Франција, која е поим за благосостојбата на животните, се носи ваков указ? Законски, официјално, црно на бело. Кои се тие кучиња што Французите ги стрелаат кога јас во своите 20 години активно присуство во сите селца и гратчиња од Алпите до Пиринеите немам сретнато ниту едно единствено бездомно куче? И како се одлучуваат на ваков радикално брутален чекор? Каде се нивните активисти? Од толку штрајкови за сѐ и сешто, зарем еден галски петел не излезе со транспарент да ги спаси овие „невини душички“? Само што ја споделив информацијата во поткастот, веднаш се кренаа „нашите спасувачи“. Не, тие не се кренаа против указот во Франција што не го ни прочитаа, туку против мене како новинар и олицетворение на пренесената информација. „Пренесуваш, значи пропагираш“, со тоа средновековно ниво на сфаќање тргнаа, не да одбранат животно, туку да нападнат професионалец. Да се нападне информацијата, да се нападне науката, да се нападне разумното размислување базирано на научни факти. Фејсбук-борци за правата на животните… ама не на сите животни, само на бездомните… ама не правата на сите бездомни, само на кучињата, иако нивната заштита не е еколошки приоритетна како загрозен вид, туку напротив, тие се во состојба на хиперпопулација.

Дали француското општество инертно со указот за отстрел на бездомни кучиња е понездраво од македонското општество во кое некои „активисти од Тему“ бараат да се линчува новинарот што ја пренел информацијата? Животот на овој начин ми даде можност да го исполнам ветувањето од пред 25 години на еден хуманитарен доктор загрижен за кучињата, додека лекуваше бегалци во Македонија. Почнав да се фокусирам на францускиот проблем и подобро го разбрав македонскиот.
Сфатив прво како во историјата западните општества организирано се поставиле, не само кон бездомната популација на кучиња туку и кон сите други „штетници“ (волци, шакали, мечки, лисици, глодачи…). Нивната политика била – организирано масовно истребување. Картите на распространување на дивиот свет во Европа го отсликуваат многу добро тоа. Погледнете го богатството на живиот свет на загадениот Балкан во споредба со уредената Европа. Карти на ИУЦН и ГБИФ потврдуваат повисок диверзитет на Балканот како биодиверзитетно жариште. Во Скандинавија (Данска, Норвешка, Шведска) до 1826 година, преку лов е елиминирана бездомната популација на кучиња. Во Лондон во 1866 година, полицијата фрла живи кучиња во варници и исплаќа награди од два шилинга за секое дете и младинец што ќе донесе убиено куче и на тој начин се врши владина стимулација на масовно крвопролевање на кучиња. Најголемите кампањи во Франција се во периодот од 1813 до 1880 година кога со полициски наредби се наложувало врзување на кучињата и носење најчесто на колење. Во САД во 19 век, во Њујорк, Детроит и во Минeаполис, бездомните кучиња редовно се убивани со потопување во кафези – фатени, ставени живи во железни кафези (неколку десетици по кафез) и потопени во реки како Мисисипи. Во 1939 година во Лондон, владиниот памфлет „Совет за оние со миленици“ предизвикал масовна евтаназија со гас на 750.000 пред сѐ бездомни кучиња, иако памфлетот бил „европски и политички коректно“ насочен кон сопствениците на миленици.
Доколку не се земат предвид историјата и вековниот континуитет на оваа официјална политика на масовна елиминација на бездомната популација на кучиња во западните држави и контрастот со Балканот каде што животните и ден-денес успеваат да живеат во некој свој природен хабитат, нема да можеме да ја разбереме ниту ситуацијата од 2024 година во Франција, ниту пак онаа што ние ја живееме денес во Македонија.
Илија Петковски
































