Фото: Пиксабеј

За првпат минатата година, обновливите извори на енергија произведоа повеќе електрична енергија од фосилните горива во Европската Унија, според податоците објавени на 21 јануари, што ја потврдува континуираната транзиција на блокот кон енергија со ниски јаглеродни емисии и покрај отпорот на некои влади.
Според енергетската организација „Ембер“, ветерот и сончевата енергија генерирале 30 проценти од електричната енергија на ЕУ во 2025 година, додека фосилните горива, вклучувајќи јаглен, гас и нафта, учествувале со 29 проценти. Зголемувањето од 19 проценти на капацитетот на сончевите електроцентрали го компензирало намалувањето на хидроцентралите поради сушата, додека производството на гас се зголемило за осум проценти.
Уделот на нуклеарната и обновливата енергија заедно достигна 71 процент од вкупното производство на електрична енергија во ЕУ. Уделот на јагленот падна на рекордно ниско ниво од 9,2 проценти, при што Германија и Полска ги забележаа своите најниски нивоа во историјата. И покрај силниот раст на чистата електрична енергија, ЕУ се соочува со проблеми во инвестирањето во електрични мрежи, при што производителите на ветерна и сончева енергија понекогаш мора да го прекинат производството за да спречат преоптоварување, што влијае на цените на електричната енергија.
Експертите од „Ембер“ апелираа ЕУ да инвестира повеќе во мрежи и капацитет на батерии за да ги стабилизира цените и да обезбеди поефикасна испорака на обновлива енергија.