Во рамките на 55. „Илинденски денови“
Во рамките на 55. „Илинденски денови“, публиката има ретка можност да се сретне со традиционалната македонска дрворезба – низ делата на двајца исклучителни копаничари од исто семејство. Веселин Поповски и Васко Поповски-Пикуло, во НУ Завод и музеј – Битола, ја претставуваат уметноста на копаницата како тивок, но моќен јазик на меморијата. Изработени од оревово дрво – материјал со благородна текстура и цврст карактер – овие дела се хроника во дрво. Секоја копаница носи мотив, гест, секојдневие, емоција – изрезбарена со рака, трпение и знаење пренесено низ генерации.
Копаничарството во Македонија има долга и богата историја, традиција вградена во духот на голем број генерации задоени со генот на народното творештво, кои оставиле драгоцени копаничарски дела. Резбарските тајфи на Фрчковски, Станишеви, кои оставија врвни копаничарски дела низ целиот Балкански Полуостров (иконостаси, царски дворим архијерејски тронови, балдахини и др.), поттикнаа голем број вљубеници во копаничарството да ги следат патиштата трасирани од нив. Од особено значење е формирањето на Здружението на копаничари во 1993 година во Битола благодарение на Злате Крстевски, кој ги создаде основите за понатамошен развој на оваа заборавена гранка. Од ова здружение се изнародија голем број индивидуалци меѓу кои и Веселин Поповски и Васко Поповски, автори на оваа самостојна изложба организирана во рамките на „Илинденски денови“.
– Внимателно, трпеливо, прецизно и макотрпно се препуштиле на своите чувства пренесувајќи ја нивната љубов со вградување душа на дрвената основа. Низ нивните дела продолжуваат да живеат минатото и сегашноста како патоказ кон зачувување и грижливо негување на богатата традиција – вели рецензентката на изложбата Лиљана Христова.
Љубовта и дружбата со дрвото ги поттикнале да му дадат душа, да го воскреснат и да остават траги на своето време. Веселин Поповски е автор на голем број дела (над 400) во различна големина, изработени во оревово дрво, кое обработено, буди посебно чувство на восхит. Копаничарството како хоби го негува од 1998 година. Учествувал на голем број заеднички изложби и колонии, а денес ја отвора својата четврта самостојна изложба. Мотиви за инспирација наоѓа во секојдневното живеење, духовноста на црквата, како и различни мотиви од историското минато. Ликовите во иконите и историските мотиви ги изработува со посебно внимание и прецизност. Интересни се и неговите скулптури, трудољубиво и минуциозно обработени (на пр. „тешкото“), како и други предмети на кои доминираат мотиви од флората и фауната. За работа користи повеќе техники: плитка и длабока резба, скрозирана и ажурна техника. Васко Поповски со копаничарски работи започна во 2001 година, усовршувајќи го својот талент и создавајќи чудесни и трајни дела. Внесувајќи ја целосно својата душа во дрвото, има создадено над стотина дела со различни содржини инспирирани од секојдневието на човечкото живеење, од историското минато и од црковната духовност. Покрај историски ликови и ликови на светци, во неговите дела преовладуваат мотиви од флората и фауната. Комбинацијата на талент и хоби ги преточува во трпение и смиреност, кои ги црпи од музиката. Како и брат му Веселин, делата ги изработува во техника на плитка, длабока и скрозирана резба.
– Резбаните дела на Веселин и Васко Поповски потврдуваат дека традицијата во изработка на копаници не згаснува. Таа продолжува да ги инспирира младите генерации да не ја заменуваат со машински и компјутеризирани обработки затоа што само со рачната обработка може да му се даде душа на дрвото. Тие претставуваат сведоштва на културата, творештвото и опстанокот во кои е врежан идентитетот на народот. Едноставно, пленуваат и восхитуваат – нагласува Лиљана Христова
Раде Најдовски, пак, веќе втора година како инспирација во својот творечки опус ги слика народните носии од различни етнички предели во Македонија, кои се изложуваат во рамките на фестивалот „Илинденски денови“. Изложбата е поместена во фоајето на киното „Манаки“, како добредојде за публиката на интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“. Неговата љубопитност и проникливост за убавото се осврнува на народната носија претставена првенствено низ женските ликови.
– Колоритноста на народната носија и многубројните елементи од кои е составена, за Најдовски претставуваат поттик да се наврати на народното творештво, кое во себе содржи духовни вредности што се создавале во различни временски етапи. Денес кога народната носија ја изгубила својата основна функција, останува да биде неисцрпна инспирација за творење не само за уметниците, туку и за пошироката јавност што повторно се навраќа кон изворите на идентитетот. Делата на Најдовски нѐ потсетуваат дека народната носија не е минато, туку платформа за современо визуелно размислување, каде што традицијата и уметноста се среќаваат и преплетуваат – вели Наде Геневска-Брачиќ, етнолог и кустос-советник во НУ Завод и музеј – Битола.
Тони Гламчевски