Овој викенд, Факултетот за туризам и бизнис-логистика, УГД, ја одбележи 16-та
традиционална Туристичко–гастрономска изложба на алтернативни форми за развој на туризмот во хотелот „Аполонија“, Гевгелија
На едно место се собраа академската заедница, локалните власти, претставници на министерствата, експерти, студенти, локални жители и заедно ја изнесоа на пиедестал туристичко–гастрономската понуда на Гевгелија, преку обраќања, панел-дискусии и дегустација на храна и вино од страна на 30 угостителски ентитети и четири локални винарници.
– Гастрономијата сама по себе обезбедува пат за поврзување – со луѓето, со наследството, со местата. Туризмот преку храната може да ги олесни нашите повторни поврзувања со пријателите и семејствата во земјата, но и во светот, притоа обезбедувајќи интересни пренасочувања на нашите патувања додека откриваме скриени приказни и посебни места. Свесни сме дека наследството, раскажувањето приказни и автентичноста се важни концепти, кои се битни во интеракцијата со туристите, кои ја откриваат винската култура, дегустираат храна истовремено уживајќи во природното и културното наследство на регионот. Ваквата идентификација на храната и виното како суштински привлекувачи на туристите е формула за подобрување на имиџот на брендот на виното, на имиџот на дестинацијата, би кажала уметноста на гостопримството што влијае на задоволството на туристот, а природата веќе ја наградила Гевгелија – рече Татјана Бошков, деканка на ФТБЛ.
Сепак, ваквите цели не може да се остварат без помош на дигиталните алатки.
– Јас овде гледам огромен потенцијал да ја промовираме македонската гастрономија, не само како производ туку како искуство што се памети. Со паметно користење на дигиталните алатки, приказните од теренот и одржливите вредности, можеме да изградиме силни туристички брендови, кои ќе им го привлечат вниманието и на домашните и на странските посетители – истакна Наташа Митева, продеканка за настава при ФТБЛ.
Местоположбата на Гевгелија носи посебна магија.
– Македонија, и посебно Гевгелија, има нешто поавтентично – нешто што не се создава, туку се наследува. Нашето вино не е само производ – тоа е културна ДНК. Има вкус на традиција, боја на историја и мирис на предци. Со вински патеки, фестивали, гурмански викенди и настани под отворено небо, можеме да изградиме туризам што не продава искуство, туку создава сеќавања – истакна Симона Ковалаковски, советничка на заменик-министерот за финансии.
Она што е особено важно за негување на традиционалните вредности и за општествен раст и развој, е градењето силен систем чии носители се токму најмладите и нивните активности.
– Студентите од ФТБЛ, 16 години се директно вклучени во организацијата на „Туристичко-гастрономската изложба на алтернативни форми за развој на туризмот“, која традиционално се одржува во градот Гевгелија. Затоа ќе кажам дека секој ангажиран студент придонесува кон подобра академска заедница, тие се нашата иднина, носители на знаењето и на новото утро. Со нивните знаења, вештини и напори, кои ги вложуваат во областа на туристичко–угостителскиот сектор, се надеж за силни очекувања и храбро чекорење кон успехот во оваа индустрија – рече Душица Попова, раководителка на Катедрата за туризам, која ја потенцираше важноста на ангажирањето на студентите.