Фото: „Тумбао салса бенд“

Песната „Triple love for Kaneo“ е најновото што го снимија Петар Ренџов и неговиот „Тумбао салса бенд“. Ведрата, ритмична мелодија со латино ритам веќе се врти на радијата во земјава, а интересниот спот, што го реалзираше „ИнТек систем“ е вистинска разгледница за преубавиот Охрид.

– Песната „Triple love for Kaneo“, за која јас ги напишав текстот и музиката, а аранжманот го направив заедно со Сенад Хусеин, е сниемна во моето музичко студио „Мјузик стор“ во Скопје. Текстот е на англиски јазик, но содржи две зборчиња на македонски, „црвено вино“ и „Канео – Охрид“ кои потсетуваат на Македонија. Желба ми беше оваа видео приказна да биде реклама за нашиот туристички бисер, а и самиот текст ја велича љубовта кон убавините на животот, кон музиката, танцот и дружбата – вели Петар Ренџов.

Мартина Авросиевска, со својот глас, но и со флејтата, одлично ја долови ведрината на текстот, за што придонесоа сите членови на бендот.

Познатиот македонски музичар, со долга километража на македонската музичка сцена, со бројни реализирани проекти, концерти, соработки…, ни откри дека песната е наменета за музичките платформи со стриминг сервис за Латинска Америка.

– Бидјеќи ова е еден аудио-визулелен пзодрав од Охрид се надевам дека ќе поттикнеме многумина да дојдат во Македонија. Инаку снимката од легендарниот концерт на „Тумбао салса бенд“ во „Универзална сала“ веќе се прикажувала на една од телевизиите на Куба, на што сите сме особено горди – вели тој.

Петар Ренџов „Triple love for Kaneo“ претходно ја испратил и на конкурсот за „Домашниот евросонг 2022“, што го распиша Македонската телевизија. Оваа нумера ќе се најде на новиот албум на „Тумбао салса бенд“ што е во подготовка.

М.Т.