фото: Приватна архива

Сред лето сме, но тоа не беше пречка членовите на „Тумбао салса бенд“ да снимат две нови песни, со кои го најавуваат големиот концерт што ќе се случи во октомври во МОБ во Скопје.

Најпрво сите пријатно не изненадија со соработката со Ристо Самарџиев во реализацијата на песната „Галичица“, во која се овековечени стиховите на нашиот голем поет Михаил Ренџов.

Лидерот на групата, познатиот македонски гитарист и автор Петар Ренџов, ни раскажа како дојде до оваа соработка.

– Во 2007 година Фондацијата на дневниот весник „Време“ објави анонимен награден конкурс за необјавена збирка поезија. Првата награда ја доби збирката „Галичица“ на татко ми, Михаил Ренџов. Во таа пригода тој напишал: „Кога првпат се качив на Галичица онемев од убост и си реков: „ова место не е за мене, на ова место човек од убост се задушува. Убавината измамува крикови и молитви од восхит, затоа ке ви соопштам: стиховите за Галичица не ги напишав, туку едноставно ги издишав“. Музиката на Арсо Јаневски идеално ја надополни оваа приказна, а мојот аранжман придонесе ведрината да биде испреплетена со мистичност со која зрачи самата планина Галичица. Преку соработката со Ристо Самарџиев, мој долгогодиешн пријател, кој ги отпеа стиховите, ја донесовме на виделина композицијата „Галичица“, за која, впечатокот да биде целосен е реализиран и автентичен видеозапис, во режија на Дарко Димитриевски – ни раскажа Петар Ренџов.

фото: Приватна архива

Втората песна на бендот, е со пожежок ритам, врпрочем какво што е и летото, а со изведбата на новата членка на групата, пејачката Јасммина Лопез, Кубанка, која десетина години живее во Македонија, звукот е оној вистиснкиот што треба да го има група чие име е „Тумбао салса бенд“.

– Изминативе 15 години со досегашните вокалиски на „Тумбао…“ – Викторија Лоба, Андреа Никчевска, Мартина Христовска, Билјана Ѓошева и Анче Наумовска – остваривме прекрасни два албуми, концертни изданија , настапи на светски случувања, но ни неодстасуваше оригиналниот кубански шмек кој покрај перкусионистот Оскар Салас ни го носи македонската снаа од Куба Јасмин Лопез. Овие денови ќе ја промовираме песната „Крувче“ што претставува прв проект на кој ќе ја слушнеме Јасмин Лопез на македонски јазик со „кубански акцент“. Важно е да напоменам дека овој аранжман е реализиран во живо и претставува важна и автентична музичка вредност отсвирена од членовите на бендот кои направија уникатен ритам базиран на мајсторствата на врвните перкусионисти Пончо Санчез и Антонио Родригез – вели Ренџов.

Со „Крувче“ и „Галичица“, бендот го најавува големиот концерт што ќе се случи кон крајот на октомври во Македонската Опера и Балет, кој, како што велат членовите на „Тумбао салса бенд“, ќе биде една голема салса забава и врвно музичко доживување за сите што ќе дојдат.

М.Т.