Да се биде родител често значи да се живее меѓу голема љубов и уште поголеми прашања. Секоја детска душа е посебен свет, па секој ден со децата носи нови недоумици: кога да реагираме, кон што да ги упатиме, што е всушност најдобро за раст и среќа на детето? Во потрага по одговори, понекогаш забораваме дека решенијата не се кријат во сложените теории, туку во едноставните вистини. Токму таква порака носи кратката, но длабоко поучна Толстоева приказна „Три прашања“, која може да ни помогне да размислиме за тоа како да бидеме подобри родители.

Приказна напишана пред повеќе од еден век

Иако е напишана пред повеќе од еден век, и денес нè потсетува дека најголемата мудрост и најдобро водство – во царството или во семејството – секогаш лежат во точниот момент, со вистинските луѓе и со вистинските дела. Како родители, често се соочуваме со многу предизвици, дилеми и прашања, кои се однесуваат на нашите деца, нивното воспитување, нашиот однос со нив и нашето влијание во нивниот развој и среќа. Некогаш ни се чини дека не знаеме што е најдобро за нив и не знаеме како да им помогнеме за да ги остварат своите потенцијали и соништата. Некогаш сме збунети, несигурни или преоптоварени со разни обврски и очекувања, кои ни одземаат време и енергија, оддалечувајќи нè од нашите деца.
„Три прашања“ е едноставна, но мудра приказна за царот што сакал да ги знае одговорите на три прашања, кои ќе му помогнат успешно да владее со своето царство. Во приказната, царот бара одговори што ги откриваат суштинските вредности и мудроста на живеењето во сегашниот момент, што може да се поврзе со вредностите на родителството и односите со децата.

Три прашања за мудриот пустиник

Царот сакал да најде одговори на три клучни прашања: кога е вистинскиот момент за некоја акција, кои се најважните луѓе со кои треба да се помине време и што е најважно да се прави во секое време? Барајќи мудри одговори, го посетил старечкиот пустиник. Царот во скромна облека отишол кај мудриот пустиник и го нашол како копа во градина. Му поставил три прашања, но пустиникот не му одговорил, туку му дал мотика и го замолил да му помогне во копањето. Во еден момент се зачул крик од шумата и царот видел ранет човек како излегува од грмушка. Царот притрчал да му помогне, а ранетиот бил еден од царевите непријатели, кој дошол да го убие. Меѓутоа, се сретнал со царските стражари, кои го раниле. Царот му ги преврзал раните и му дал вода. Ранетиот му се заблагодарил на царот за милоста и го замолил да му прости. Царот се вратил кај пустиникот и повторно му ги поставил своите три прашања. Пустиникот му рекол дека веќе добил одговори на своите прашања и објаснил: „Доколку не чекаше, ќе добиеше од мене одговори на своите прашања и ќе се вратеше во својата палата, непријателот ќе те дочекаше во заседа и ќе те убиеше. Затоа, најважното време беше оној момент кога беше тука со мене и копаше во градината. Луѓето што ти беа најпотребни, бевме јас и твој непријател. Јас, затоа што те задржав, а тој, затоа што му го спаси животот и го стекна неговото пријателство. А најважната работа беше да направиш добро дело и да покажеш милост кон оној што ти посакуваше зло“. Царот ја разбрал мудрост на зборовите на пустиникот, му се заблагодарил за поуката и со својот поранешен непријател се вратил во палатата, решен да живее според новите начела.

Поуки

Лав Толстој е еден од најголемите руски писатели и мислители, кој остави длабока трага во светската литература и култура. Оваа негова приказна може да ни послужи како инспирација и водич за тоа како да бидеме подобри родители. Ако нејзините поуки ги примениме во сопствениот живот, можеби ќе најдеме едноставни и мудри одговори што ќе го подобрат нашиот однос со децата. Кога е вистинското време? Вистинското време е сега, тоа е времето што го поминуваме со нашите деца, квалитетно време што го посветуваме на нивните потреби, интереси, чувства и развој. Тоа е време што треба да го користиме за заеднички активности, разговори, игри, учење и забава, затоа што тоа остава белег во срцата и спомените на децата. Кои се најважните луѓе? Најважните луѓе се нашите деца и оние што се важни за нив. А што е најважно да се прави во секој момент? Посветување на целосното внимание на децата и правење добри работи за нив се основните принципи на родителството, кои оставаат траен впечаток во животот на децата.