Заврши фестивалот „Илинденски денови“ во Битола

Со вечер на интернационална музика и игра, исполнета со прекрасна музика и изведби, на платото пред Офицерскиот дом во Битола свечено беше затворено 55. издание на фестивалот „Илинденски денови“, кој како значајна традиционална манифестација и годинава беше дел од програмата на Битолското културно лето. „Илинденски денови“ е настан што одамна не е само фестивал туку жив амблем на македонската културна меморија. Во рамките на „Битфест“, под покровителство на Собранието и поддршка на Министерството за култура, со аплауз и достоинство, заврши јубилејното издание на најстариот фолклорен фестивал во земјата – под слоганот „Денес за утре“. Ова јубилејно издание беше живо сведоштво дека фолклорот не е само слика од минатото туку платформа за иден културен дијалог.
Градоначалникот на општината Битола, Тони Коњановски, им се заблагодари на организаторите, учесниците и гостите на фестивалот, нагласувајќи дека изминатите две недели Битола преку фестивалот живееше денови што не се мерат со време туку со вистинска емоција, исполнета со пулсот на еден народ што културата и традицијата ги поставил на пиедесталот на највисоките вредности.
– Со срце полно гордост, со љубов кон нашиот град и со поглед свртен кон идното издание, ве поздравувам иви благодарам што бевте дел од програмата на 55. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ – рече градоначалникот Коњановски.

Во својот говор тој симболично потсети дека традицијата не се мери во денови, туку во генерации. Тој низ зборовите за носиите, орото, младите погледи вперени кон предците, ја испрати пораката на фестивалот: „Културата е светлина што не се гасне. А фолклорот не е само традиција туку иднина што ги чува корените“.
Од чаршијата и плоштадот „Магнолија“, преку Широк сокак, до Офицерскиот дом, Битола беше град-сцена отворен за боите и звуците на светот. Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска, Хрватска ја збогатија историјата на фестивалот со нивното гостување, како потсетување дека традицијата е универзален јазик.
Директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, нагласи дека во изминатите две недели Битола повторно пулсираше во ритамот на народната музика, во боите на носиите, во живиот збор и изразот на традицијата.
– Нека живее фолклорот, нека живее културата. Да ја негуваме и одржуваме традицијата, а со тоа и фестивалот „Илинденски денови“. До ново видување со уште повеќе љубов, музика и традиција. Од утре продолжуваме со нова енергија и подготвени за уште поголемо 56-то издание – порача Илковски.
Наградите за најуспешните домашни ансамбли беа доделени во чест на автентичноста, истрајноста и љубовта кон народното творештво. Жирито во состав Владимир Јаневски, Родна Величковска, Мирјана Мирчевска, Беким Рамадани и Христијан Николовски ги додели наградите за домашните амбасадори. За најуспешна група, која презентираше традиционална музика и игра, беше награден КУД „Илинден“ од Демир Хисар, за најуспешна група, која презентираше староградска музика и игра, беше прогласена ВИА „Распеани струмичани“ од Струмица, за најуспешна вокална изведба беше прогласена изведбата на Јовче Нанев од КУД „Весели пензионери“ од Пробиштип, за ансамбл со најизворна, најкомплетна носија беше прогласен КУД „Илинден“ од Струга. Комисијата му додели признание на Димитри Балојани – илустратор на стрип и КУД „Русалии“.

На летната сцена од ракометното игралиште до пред неколку години, а сега на отвореното плато на Офицерскиот дом, градот живееше со песната и играта. Прекрасните македонски игри и песни од Битолско, Леринско, Воденско, Штипско, Охридско и од други делови на Македонија, но и од ансамблите дојдени од сите страни на светот, одекнуваа во предвечерието на светиот ден Илинден. Ретко која друга манифестација е проследена со толку бројна публика како што е случај со „Илинденски денови“. Педесет и пет години со ред интересот не се намалува, туку сѐ повеќе расте и фестивалските вечери стануваат сѐ попосетени, посакани од илјадници љубители на народната песна и игра. До дваесеттото издание организаторите во 1990 години избројале дека фестивалот го посетиле 1.600.000 посетители, а таа бројка дваесет и пет години подоцна сигурно надминува 5 милиони.
Во рамките на фестивалот се одржа и четвртото издание на Интернационалниот етнографскиот филмски фестивал. Столе Попов, еден од доајените на македонското филмско творештво, во пораката до организаторите на фестивалот напиша: „Етнографијата е непресушен извор и огледало во кое човекот е осветлен во сите можни аспекти на неговото постоење! Вечна инспирација за интересни и убави филмови!“
Со околу 2.000 пријавени филмови, од кои само 31 се селектирани, етнографскиот филмски фестивал ја стави Битола на картата на документаристите од целиот свет.