Фото: Пиксабеј

Докажано е дека редовното вежбање го продолжува животот, но нова анализа открива дека неговите заштитни придобивки постепено се губат со зголемувањето на нивото на загадување на воздухот. Истражување покажа дека високите концентрации на ситни честички во воздухот можат да „изедат“ некои од придобивките од вежбањето, особено оние што се поврзани со намалување на ризикот од срцеви заболувања и рак.
И покрај тоа, научниците нагласуваат дека движењето е корисно, дури и во области со послаб квалитет на воздухот. Но неговото вистинско позитивно дејство е значително поголемо доколку воздухот е почист.

Тимот ги проучувал податоците на повеќе од 1,5 милион возрасни лица

– Нашата студија покажува дека токсичниот воздух може, до одреден степен, да ги блокира придобивките од вежбањето, иако не ги елиминира – рече Ендру Степто, коавтор на студијата и професор по психологија и епидемиологија на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Наодите се уште еден доказ за штетата што ситните честички од загадувањето може да ја предизвикаат на нашето здравје.
Тимот ги проучувал податоците на повеќе од 1,5 милион возрасни лица, следени повеќе од десет години во Обединетото Кралство, Данска, САД, Тајван и Кина. Фокусот бил ставен на загадувањето познато како ПМ2,5, микроскопски честички произведени со согорување фосилни горива и емисии од возила, како и согорување отпад и други извори. Поради нивната големина, тие можат да поминат низ крвно-мозочната бариера и да влијаат на белите дробови, срцето и мозокот.
Како што се очекуваше, резултатите потврдија дека активните луѓе живеат подолго: оние што вежбале најмалку два и пол часа неделно имале 30 проценти помал ризик од смрт во текот на следениот период од оние што вежбале поретко. Но тој процент нагло се намалува кога воздухот е загаден. Во областите со нивоа на ПМ2,5 над 25 мг/м³, заштитата од смртност паѓа на 12-15 проценти. На нивоа над 35 мг/м³, придобивките дополнително се намалуваат, а 36 проценти од светската популација денес живее на тој праг.
Студијата се совпаѓа со претходни истражувања што го поврзуваат загадениот воздух со респираторни и срцеви заболувања, како и со невролошки нарушувања како што се Паркинсоновата болест и деменцијата.

Дали да се ​​вежба надвор кога воздухот е загаден?

Една од авторките на студијата, Паола Заниното, нагласува дека целта не е да се обесхрабрат луѓето да вежбаат на отворено.
– Проверката на квалитетот на воздухот, изборот на почисти патишта или намалувањето на интензитетот на вежбање во денови со поголемо загадување може да ви помогне да го извлечете максимумот од вашиот тренинг – истакна таа.
Авторите предупредуваат дека повеќето податоци се собрани во побогати и поразвиени земји, каде што нивоата на загадување се пониски отколку во многу земји со среден и низок приход. Тоа значи дека ефектите во уште позагадените средини би можеле да бидат уште подрастични. Студијата исто така не вклучува податоци за квалитетот за воздухот во затворен простор или за исхраната, но резултатите останаа валидни по приспособувањето на фактори како што се приходот, образованието, пушењето и здравствената состојба.
Пораката на истражувачите е јасна: и воздухот и вежбањето се еднакво важни за долг и здрав живот.
– Веруваме дека чистиот воздух и физичката активност се клучни за здраво стареење и затоа охрабруваме поголеми напори за намалување на нивоата на загадување што му штетат на здравјето – заклучи Степто.