Фото: Пиксабеј

Луѓето прекумерно ги користат некои од вообичаените предмети за домаќинство – без да се земе во обѕир дека можат да му наштетат на своето здравје. Во врска со ова, гастроентерологот Саураб Сети од Сан Франциско, Калифорнија, САД, открива три од најштетните предмети што мнозина ги имаат дома.

Така, први на неговата листа се миризливите свеќи. Во овој поглед, освен обични, немиризливи свеќи, или оние направени од природни состојки, како соја или пчелин восок, сите други свеќи „треба веднаш да се исфрлат“ од домот – според докторот.

– Мирисните свеќи содржат фталати, за коишто е познато дека го нарушуваат нивото на хормони и предизвикуваат респираторни проблеми – нагласи Сети.

Фталатите се група хемиски соединенија што обично се користат за производство на пластика, особено поливинил-хлорид (ПВЦ). Често се нарекуваат пластификатори. Покрај во пластиката, фталатите се наоѓаат и во производите за лична нега, предметите за домаќинството, медицинските помагала, па дури и во пакувањата за храна.

Лошата страна кај фталатите е влијанието врз телото. Тие можат да ги имитираат или да ги блокираат хормоните, како што се естрогенот и тестостеронот.

Натаму, друг предмет што луѓето го имаат во својот дом, а е штетен, е кујнската пластична даска за сечкање храна.

– Со текот на времето, (тие даски) може да се распаѓаат, ослободувајќи микропластика во храната, којашто натаму се внесува во телото. Земете дрвена даска за сечкање, за да ја намалите опасноста – додаде лекарот.

Микропластика е ситни пластични честички – често невидливи со голо око коишто се сметаат нездрави од еколошки и здравствени причини. Микропластиката може да содржи токсични хемикалии – или од самата пластика, или апсорбирани од околината, што, на пр. исто така, може да ја попречат хормоналната рамнотежа, но и репродуктивното здравје, невролошкиот развој и имунолошкиот систем.

На трето место на листата се изгребаните, оштетени тави. Како што наведува д-р Сети, тие содржат перфлуорирани масни киселини…

– Тие се поврзани со висок крвен притисок, холестерол и репродуктивни проблеми. Оштетената тава може да ги пренесе овие честички во вашата храна. Затоа исфрлете ја веднаш штом на неа ќе се појават гребаници или пукнатини. Може да ја замените со побезбедни алтернативи, како нерѓосувачки челик или леано железо – советува Сети.

Полифлуороалкилните супстанции се голема група вештачки хемикалии коишто од 1940-тите се користат за производство на направи отпорни на вода, масло, топлина и дамки. Понекогаш се нарекуваат „вечни хемикалии“ бидејќи не се распаѓаат лесно во околината, или во човечкото тело. Се користат во правењето нелепливи садови (на пр. од тефлон), водоотпорни и ткаенини отпорни на дамки, обвивки за брза храна, ќеси за пуканки, козметички производи и пени за гаснење пожар.

Тие честички може да предизвикаат нарушувања на тироидната жлезда, во развојот кај доенчиња и деца, на репродуктивните хормони и плодноста, зголемена опасност од рак на бубрезите и тестисите, покачено ниво на холестерол, оштетување на црниот дроб и многу други проблеми.