Џек Свини (19) вели дека Илон Маск го блокирал на социјалните мрежи, откако тој ја одби понудата од пет илјади долари на американскиот милијардер за да го исклучи твитер-сервисот што го следи неговиот приватен авион, пренесува „Блумберг“. Но Свини, кој побара 50 илјади долари од извршниот директор на „Тесла“ Маск за да го прифати неговото барање, во ваквата ситуација гледа можност за заработка.
– Знаев дека тој има авион, како обожавател на „Спејс екс“ и „Тесла“. Мислев дека сервисот ќе открие каде тој патува и што работи – кажа Свини кој сѐ уште се надева дека Маск, чие богатство се проценува на 242 милијарди долари, ќе преговара за неговата понуда.
Во меѓувреме 19-годишникот кој студира на Универзитетот „Централна Флорида“ планира да покрене нов бизнис наречен „контрола на летање“, кој ќе ја следи активноста на летовите на други познати милијардери, вклучувајќи ги Бил Гејтс и Џеф Безос.
– Компаниите кои ги следат авионските летови имаат милионски годишни приходи. Само мал дел од нивната заработка би бил добар приход за мене – вели Свини.
Но, медиумите напоменуваат дека покренувањето на бизнисот што овозможува податоци во реално време за приватните авиони може да има бројни правни импликации во поглед на приватноста.
Свини додава дека Маск првично побарал од него да го исклучи сервисот за следење во ноември минатата година, но тинејџерот смета дека понудената сума не е доволна.
– Времето и посветеноста кои ги вложив се кул и пет илјади не се доволни за да се откажам. Некако е чудно дека тој сака сервисот да биде изгаснат и изгледа дека е навистина лут – истакна Свини, кој се надева дека ќе добие 50 илјади долари од најбогатиот човек на светот, кои би му помогнале да ги плати студиите, или пак автомобил од неговата компанија „Тесла“.