Академијата за филмски уметности и науки за време на 94-та церемонија на „Оскарите“ во март, ќе бара од присутните при влез во театарот „Долби“ во Холивуд да покажат најмалку два негативни резултати од ПЦР-тестови и доказ за вакцинација против ковид-19, пренесе „Ројтерс“.
Изведувачите и презентерите на настанот ќе мора да имаат негативен ПЦР-тест, но нема да треба да покажат доказ за вакцинација. Носењето заштитна маска нема да биде задолжително за сите присутни во театарот „Долби“ во Холивуд.
Номинираните и нивните гости во долните делови на театарот нема да треба да носат маски, но тие ќе седат на поголемо растојание од вообичаеното. „Долби“ има капацитет за 3.317 посетители, а на церемонијата на „Оскарите“ ќе бидат поканети 2.500 луѓе. Маски ќе треба да носат гостите на балконите, бидејќи ќе седат еден до друг.
Актерката и комичарка Ејми Шумер, актерката Реџина Хол и колешката комичарка Ванда Сајкс ќе бидат водителки на наградите, со што три жени првпат ќе ги водат „Оскарите“.