Некогаш една од најдобрите тенисерки во светот, Јелена Докиќ, повторно проговори за семејното насилство со кое се соочила во текот на кариерата. Таа на својот инстаграм-профил сподели фотографии од нејзините помодрени нозе, заедно со уште една шокантна исповед. Докиќ јавно проговори за проблемите со кои се соочувала, а во својата книга „Нескршлива“, Јелена ги опишува своите маки со нејзиниот насилен татко Дамир. Таа дури открива дека во еден момент сакала да си го одземе животот. Потоа неколкупати се огласи на социјалните мрежи, а сега сподели нова шокантна приказна.
– Отечени, помодрени и крвави потколеници од тепање и удирање со остри чевли цела ноќ бидејќи го загубив натпреварот. Овие фотографии се направени повеќе од две недели подоцна и јас сè уште имав тешки модрици. Имав 17 години. И ден-денес имам чувствителни и нерамни потколеници од овие ќотеци. Секоја рана остава лузна, а ова е мојата. Јас преживеав, но не секоја жена и девојка ќе преживеат. И тоа е тажна реалност – започнува исповедта на Јелена.
Како што вели таа, оваа објава ја напишала откако зборувала на настан за семејно насилство и се чувствувала многу тажна.
– Тажна и лута за десетици милиони жени во светот за кои знам дека минуваат низ многу полоши работи отколку што некогаш сум поминала. Само во Австралија по една жена неделно умира од семејно насилство. Дури една од четири жени ќе доживее семејно насилство во текот на својот живот. Бројките се уште полоши низ светот. Колку повеќе не зборуваме за тоа, толку повеќе го избегнуваме проблемот, толку повеќе ги напуштаме жените и девојките. За оние што го читаат ова и кои можеби доживуваат злоупотреба или семејно насилство, само знајте дека ве разбирам. Знам колку сте исплашени. Знајте дека имате неверојатна сила и храброст. Ништо не е ваша вина. За оние што можат да бидат тука за оние на кои им треба помош и поддршка, не бегајте од нив и не напуштајте ги. Ова е порака од некој што бил напуштен и исплашен до смрт, ве молам не вртете му го грбот. На жените и на девојките им требате вие и вашата помош. Зборувањето за семејно насилство не е барање внимание. Жените и девојките умираат секој ден поради овие убедувања. И кога тоа ќе се случи, за жал, е предоцна. Живееме во општество каде што зборувањето за семејно насилство е жигосано, а потоа жалиме за оние што ќе настрадаат – пишува Јелена.
На крајот заклучува дека треба да направиме повеќе за идните генерации. За нашите ќерки, сестри и сите девојки и жени низ светот, ова да биде подобро и побезбедно место за нив, да бидат среќни, здрави и да живеат без насилство. И истакнува дека никогаш нема да престане да се бори и да зборува за ова прашање особено за оние што не можат и немаат глас.