Романија

Она што ме исполнува и ме прави среќна се патувањата и откривањата нови интересни места. Ете такво беше патувањето во неколку града во Романија, во земјата што привлекува сѐ повеќе туристи поради приказните што се пласираат, но и поради инфраструктурата, на која се посветува многу внимание, и одржувањето на старите градски јадра. Такви се градовите Темишвар, Арад, Орадеa и Сибиу, во кои посетителот има што да види, да вкуси, но богами и да пазари. Од Прилеп до Темишвар не се патува долго, ама уште на самиот чекор кога ќе влезеш во Романија на изненадувањата им нема крај. Те пречекува чиста и средена граница, а кога, пак, ќе влезеш во градот, урбано, чисто место, со многу паркови и со богата историја и култура.
Темишвар – идеален за шетање 
Темишвар е извонреден град, кој пред две години ја понесе титулата град на културата. И тоа е видливо на секој чекор! Повеќе од очигледно е дека градските власти се посветени на негување на културното наследство, архитектурата, историјата. Првиот впечаток што го добив е дека Темишвар е град идеален за прошетка, преку која се покажуваат убавата архитектура, уредените и чисти улици, парковите, природата. И со право го нарекуваат мала Виена.
Романската православна соборна црква или катедрала доминира над градот со својата височина од 90 метри и е најпрепознатлив симбол, од каде што започнуваат туристичките разгледи на Темишвар. Сместена е во срцето на градот и е посветена на Светите три ерарси. Историјата пред црквата датира од 1919 година, кога на 28 јули Банат се соединил со Романија и новата власт го поттикнува православието.
Темишвар има три плоштади – Плоштадот на победата, Плоштадот на слободата и Плоштадот на обединувањето, кои одиграле значајна улога во историјата на градот, но и во современиот период. Во Темишвар можете да ги посетите Музејот на револуцијата, Музејот на банатското село, ама задолжително прошетајте низ централниот парк, покрај реката Бегеј или, пак, возете се со бротче за да ви биде целосен впечатокот од прошетката.
Арад – град со повеќе стилови
Еден од поинтересните градови е Арад. Од Темишвар до Арад се стигнува за половина час. Кога навлеговме во градот нѐ пречекаа ниски куќи и згради од комунистичкиот период. Се упативме кон паркот, во чија близина е Палатата на културата, изградена во 20 век, импозантна зграда со преубава сала со оргули. Објектот е комбинација на различни стилови, чија реставрација била завршена неодамна. Парковите околу зградата и покрај реката се вистинска оаза на мир и тишина. Од другата страна нѐ дочека судската палата, а ние продолживме кон центарот на градот. Најпрво кон градската куќа, изградена во стилот на фламанската ренесанса, 54 метри висока со кула и часовник, донесен од Швајцарија. Пред неа има плоштад на кој се случуваат голем број манифестации. Доаѓаме до римокатоличката црква „Св. Антун Падовански“. Наспорти е театарот „Јоан Славица“ од 1874 година во неокласичен стил. Зад театарот е плоштадот „Аврам Јанку“, опкружен со згради со интересна архитектура, кои се реновирани или, пак, сега им се врши реконструкција. На средината е Споменикот на слободата.
Орадеа – град на северот од Романија
На северот на Романија, блиску кон Унгарија, се наоѓа градот Орадеа, десетти по големина, сместен во историската покраина Кришана, седиште на регионот Бихор. Град со околу 200 илјади жители, од кои најмногубројни се Романците, па Унгарците, а мал дел се Роми. Во Орадеа некогаш имало значајна еврејска заедница, која речиси целосно е исчезната, за што говорат повеќето синагоги во градот. Поминавме покрај Домот на културата, социјалистичка градба, за потоа да нѐ пречека релативно новата бискупска катедрала „Воскресение Христово“. Стигнавме до мостот пред капијата на тврдината, од 900 година, сега реконструирана, која еден период служела како воена тврдина. Често била реконструирана, па затоа се видливи различните архитектонски стилови – од романтизам, до готика и ренесанса.
Полека стигнуваме на Плоштадот на обединувањето, простран и убаво среден, поплочен и со многу цветни градини. Плоштадот плени со импозантните градби, кои се реконструирани, а најубавата од нив е грандиозната палата „Црн орел“, ремек-објект од 20 век, која некогаш била театар, казино и сл. Денес во неа има хотел, а во приземјето продавници, кафулиња, ресторани. Од другата страна на платата е Градската куќа, чија кула со висина од 50 метри е извонреден објект од каде што може да се гледа целиот град. Освен убаво уредените зелени и цветни површини, на плоштадот има и фонтани. Ова е град што плени со пространоста, чистота и зеленилото како никој друг романски град.
Сибиу – градот со очи
Еден од најпосетуваните романски градови е Сибиу, кој беше прв европски град на културата во државата. Еден од најзначајните културни центри, основан во средниот век, со големо германско влијание. И ден-денес е видливо тоа. Градот е под заштита на УНЕСКО. Сибиу го викаат град на очите. Зошто? Затоа што на секоја куќа на покривот има очи, кои мислиш дека те гледаат на секој чекор што правиш. Има две приказни зошто се изградени прозорците. Првата е дека прозорците на покривите ги граделе Германците заради шпионирање, а втората заради подобра вентилација. Сепак, како и да е, ова е една од специфичностите на Сибиу по кои е познат. Градот има горен и долен град. Горниот бил центар на трговијата низ историјата, а во долниот се произведувало. Сите знаменитости се во горниот дел, па многу е лесно да се прошета низ градот и да се посетат. Големиот плоштад е центарот на сите збиднувања, уште од 15 век, опкружен со најважните градски објекти и најубавите куќи со очи. Тука е палатата „Брукентал“, од 18 век, сега музеј, некогашна резиденција на личниот советник на царицата Марија Терезија. Ова е најстариот музеј, во светот, отворен три години пред „Лувр“. Содржи импресивни колекции на слики и книги, кои му припаѓале на Брукентал. Пред палатата е и неговата статуа. Веднаш до палатата е Језуитската црква, една од најважните во градот. Во непосредна близина е и Кулата од 13 век, од каде што има убав поглед на градот. Она што е значајно за Сибиу и што секако сакам да го напоменам е дека е сосема поразличен град од другите трансилвански градови. Владее средновековниот дух, но во модерно време.
Каролина Мицевска