„Антени“ вткаени во текстилот на кошулата ќе можат да детектираат алкохол од потта на возачите, а електродите извезени на бебешката бенкичка ќе ја мерат температурата кај бебињата. Ова се само дел од проектите на кои работи меѓународен тим експерти за нанотехнологија и флексибилна електроника на Факултетот за технички науки во Нови Сад, единствен во овој дел од Европа, кој истражува неконвенционална и текстилна електроника, објави РТС. Во проектот се ангажирани осум истражувачи од целиот свет.
– Во моментов работиме на текстилна структура која потенцијално би можела да овозможи испитување на човечката пот и откривање на одредени супстанци, како алкохол во крвта и зголемено ниво на стрес кај човекот – вели д-р Митар Симиќ, стручен соработник за проект.
Темата на проектот „Стрентех“ (Strenteh) е текстилна електроника. Една многу актуелна и популарна област, која го намалува загадувањето и овозможува создавање на флексибилни структури на облеката.
Дел од тимот е и Хима Зафар, која по студирањето во Пакистан и во САД решила да ја истражува својата докторска теза за употребата на текстилна електроника во откривање опијати.
– Идејата е дека една девојка може да се заштити од потенцијално силување кога има состанок со момче, на пример. Со помош на сензор на нејзината нараквица или прстен, таа може да провери дали има дрога во нејзиниот пијалок или не. Сензорот го чита составот на течноста во чашата и прикажува список на супстанции во нашата мобилна апликација. Така девојката може да одлучи дали ќе се напие или не – вели Хима Зафар, стручен соработник на проектот.
Производството на вакви материјали го овозможува специјална машина за везење, со сребрени провидни конци со кои сензорите пренесуваат сигнали.
Тимот досега разви калеми со јадра од коприва или спанаќ, сензори за пе-ха во устата, кондензатори од суви сливи и кајсии и златни електроди за јадење, а за првпат во светот се направени сензори за мерење на силата на загризување од фондан и гумени бонбони.
Учесниците во проектот очекуваат овој вид на нано-електроника во иднина да најде се поширока примена во сите научни области.