Техниката на длабок печат се состои од втиснување на цртежот на хартијата од матрицата преку плоча. Во текот на печатењето, површината на плочата останува чиста и без боја, а врежаните форми и линии се исполнети со боја што потоа се втиснува на хартијата

Графичката техника е начин и постапка при печатење, односно создавање уметнички дела познати како графика. Овој начин на изработка на уметнички дела се карактеризира со изработка на матрицата од која се отсликува цртежот, односно се втиснува на хартијата. Оваа техника на графички отпечатоци, благодарение на матрицата, овозможува печатење на повеќе примероци, со што овој вид на уметност е најдостапен до сите во општеството и пошироката јавност. Графичкиот отпечаток може да се печати и во форма на книга, како што се книгите со илустрација и слично.
Подготовката на матрицата, односно методот на графичката техника може да биде хемиски, механички и фотохемиски. Доколку се земе предвид како е изработен цртежот на матрицата – релјефно, рамно или длабинско, тогаш постојат три графички методи на печатење, и тоа длабинско, релјефно и рамно.
Механичкиот метод вклучува рачна изработка и врежување во матрицата, која може да биде од метал или дрво, а врежувањето се врши со помош на графички длета, игли, шила или ножеви. Хемискиот метод вклучува рачна обработка, но и хемиски процеси на обработката на матрицата, познати како нагризување на металната плоча со киселини. Фотохемискиот метод е со помош на хемиски средства, но и со помош на светлината.
Техниката на длабок печат се состои од втиснување на цртежот на хартијата од матрицата преку плоча. Во текот на печатењето, површината на плочата останува чиста и без боја, а врежаните форми и линии се исполнети со боја што потоа се втиснува на хартијата. За матрицата како подлога најчесто се користат цинк, бакар и плексиглас. Цртежите се внесуваат механички или хемиски. Се разликуваат следниве видови: мецотинта, бакрорез, сува игла, бакропис, акватинта, калаграфија и резерваж.
Под техника на рамен печат се подразбира печатење на форми и цртежи преку рамна плоча. Со оваа техника се разликуваат: хектографија, ситопечат, фотолитографија и литографија.

Фото: Џоп Пантман (помлад)

Од крајот на 19 век уметниците најчесто ги потпишувале отпечатоците и често ги нумерирале за да го ограничат издавањето. Матрицата потоа се уништувала за да не можело да се произведуваат нови копии.
Графичката техника се користи и за заштита од влага и сонце. Отпечатоците направени со помош на алкална хартија и хартија без киселина, доколку се користи најдобрата хартија, може да траат повеќе од илјада години, а со просечна хартија околу 500 години. За постарите графички дела, состојбата на отпечатокот зависи во голема мера од техниката што се користела при изработката на хартијата. Многу постари графички дела со текот на времето пожолтуваат поради киселините во хартијата. Тоа придонесува постепено цртежот да ја губи својата јаснотија, а експертите за да ги зачуваат ги третираат со средства за намалување на дамките и декиселизација.
Потребно е врамување на графичките дела бидејќи киселините го оштетуваат отпечатокот дури и ако хартијата е произведена без киселина. Отпечатоците во боја може да бидат подложни на избледување во зависност од користењето на мастилата.
Отпечатоците на животинска кожа исто така може да имаат влажност, поради што може да дојде до оштетување на цртежот. Исто така отпечатоците на свила се чувствителни на секоја светлина, вклучувајќи и блицови на фотоапарат. Д.Ст.