Фото: Пиксабеј

Нова технологија за откривање рак, течна биопсија, би можела да им помогне на десетици илјади пациенти, бидејќи дава резултати до две недели побрзо од биопсијата на ткиво, објавуваат британските медиуми. Британската национална здравствена служба ќе стане првата во светот што ќе го користи овој тест на крвта за дијагностицирање рак на белите дробови, откако пилот-проектот беше успешно завршен минатата година.
Според извештаите, овој нов, ултрасензитивен тест на крвта, кој може да открие ситни фрагменти од туморска ДНК, би можел да биде револуционерна техника за многу пациенти. Течната биопсија ќе им биде понудена на илјадници пациенти бидејќи може да ја забрза дијагнозата за да може третманот да започне што е можно поскоро.
Дополнително, овој вид биопсија покажува дали постојат мутации на ракот, а една од пациентите на кои им помогнала била 41-годишната Ребека Проктор. Нејзе ѝ беше дијагностицирана мутација на генот АЛК кај ракот на белите дробови со помош на течна биопсија, додека биопсијата на ткивото го потврди истиот резултат, но само десет дена подоцна, па Ребека во меѓувреме можеше да започне со терапија.
– Новиот лек ми го врати животот – рече таа, додавајќи дека била свесна за својата дијагноза, но дека брзото земање на апчињата помогнало да се спречи ширењето на клетките на ракот.
Ракот на белите дробови и на дојката се двете најчести форми на рак во Англија, со 90.000 луѓе дијагностицирани секоја година. Британската национална здравствена служба, исто така, објави дека ќе почне да користи течна биопсија за откривање рак на дојка.