„Перипетија продукција“ е реализатор на кампот со наслов „Парите како табу: младите поставуваат прашања!“, кој се одвива во „Лабораториум“, во рамките на проектот „Театарот ги обединува младите“, кој обединува 45 средношколци од Македонија, Грција и Србија. Низ заедничко креативно истражување младите поставуваат прашања и се обидуваат да најдат одговори на една од најсилните табу-теми во денешно време – парите.
– Што се парите? Дали тие имаат влијание на начинот на кој се доживувавме себеси, другите, општеството или планетата на која живееме? Методологијата на реализација на интензивните креативни работилници вклучува поттикнување на учесниците од различни гледни точки, преку креативни вежби и употреба на релевантни текстови да истражуваат и зборуваат за парите и нивното значење; како и стратегии на употреба на виртуелна платформа за соработка. Во текот на оваа учебна година младите ќе имаат и по десет работилници локално, како и десет експертски предавања, 60 онлајн сесии и три меѓународни кокреации – велат од „Перипетија продукција“.
Во текот на престојот во Скопје преку низа организирани настани тие имаат можност да се запознаат со градот и со дел од неговите најзначајни места, вклучувајќи го и Музејот на современата уметност како симбол на солидарноста – една од клучните вредности на чија база се градат врските помеѓу учесниците во проектот.
Програмата „Театарот ги обединува младите“ е меѓународен проект кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и Министерството за култура и во соработка со Македонскиот народен театар и Театарот за деца и младинци-Скопје, во кој учествуваат пет меѓународни организации од Србија, Чешка, Грција и Македонија.