Фолклорниот ансамбл „Танец“ ги започна своите настапи на неколку летни сцени во земјава – Охрид, Прилеп, Галичник, Крушево, Битола. Ансамблот ќе настапи на годинашната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“ на 13 и 14 јули, каде што ексклузивно ќе ги изведе ората „Тешкото“, „Невестинско“ и „Манукот“, а на 2 август, како и досега, „Танец“ и оваа полусезона ќе ја заврши со традиционалните концертни настапи во Крушево и Пелинце, по повод големиот македонски празник Илинден.

На 25 јули, повторно традиционално, ќе има голем концерт спроти меѓународниот фолклорен фестивал „Илинденски денови“, каде што ќе настапи целиот ансамбл со богата кореографска и вокално-инструментална програма. Местото на одржување на концертот, како и на секоја летна манифестација, е во зависност од временските услови.

Јубилејната концертна сезона на „Танец“ продолжува веќе во септември, со балканската турнеја на проектот „Фолклорно-класична симбиоза“ (грандиозниот заеднички концерт на „Танец“ со оркестарот и хорот на Националната опера и балет), по која ќе следува ноемврискиот гала-концерт по повод централното одбележување на 75-годишнината на НУ „Танец“ и, секако, традиционалниот новогодишен концерт кон крајот на декември. Во меѓувреме нема да ги запостави и настапите низ татковината и ќе одржи уште неколку концерти во Велес, Струмица и Свети Николе.