Фестивалот „Таксират“, по своето спектакуларно 25-то издание, годинава ја започна со концерт на „Бркови“, кои се враќаат во Скопје заедно со македонската публика да го прослават своето дводецениско постоење. Милениците на панк-рок сцената на Балканот не ги штедеа импресиите од последното гостување, па токму и затоа меѓу првите датуми за јубилејните концерти го одбраа Скопје за повторно да настапат пред македонската публика, каде што има верни обожаватели.
– Иако чекаа 10 години за самостоен концерт во Македонија, ветија дека сè почесто ќе настапуваат тука. Ветувањето го одржаа, зашто за овој концерт ќе се зборува долго – велат организаторите.
За две децении постоење издадоа осум студиски албуми и отсвиреа огромен број концерти низ Балканот и низ цела Европа, а во последните години станаа една од најбараните концертни атракции во регионот.
Покрај фантастичната енергија што бендот ја дава на својата публика на секој одржан концерт, бендот е познат и по својот уникатен музички израз што самите го имаат наречено „панк фолк велнес“, кој претставува мешавина од народна/фолк музика првенствено со панк и рок, а повремено и со други музички жанрови, како реге и метал. Во својата досегашна кариера остварија низа мегахитови како: „Bolje da sam s frendovima pio rujno vino“, „Hoću da mi dijete sluša narodnjake“, „Mala“, „Balkan Star“, „Hormon sreće“, „Samo pijan mogu“, „Srećo laku noć“, „Nisam ja za tebe“, „Tolerancija“, „Više ni pankeri ne slušaju punk“, песни што на стриминг-платформите имаат повеќе од сто милиони прегледи.