Членовите на бендот велат дека се радуваат на секој свој настап, а неизмерна среќа им причинува кога на своите настапи ги пеат своите песни заедно со публиката
„Стоунд хеџ“, македонски бенд
Младиот тетовски бенд „Стоунд хеџ“ е формиран во 2018 година, првенствено музицирајќи преработки на своите настапи во државата. Четиричлениот бенд го сочинуваат вокалистката Ангела Маринковска, гитаристот Исмаил Камбери, бас-гитаристот Дејан Томовски и тапанарот Марко Стојчевски. Меѓутоа, за време на пандемиската 2020 година почнуваат да работат на свој материјал и при крајот на годината, нивниот прв албум насловен „Hello world“ го здогледа светлото на денот. Во македонскиот музички етер стануваат препознатливи по својот алтернативен инди-рок звук и полека, но сигурно веќе ја градат својата база на обожаватели. Оваа година, покрај промоцијата на албумот, која се случи на 28 мај во МКЦ, бендот имаше настапи на повеќе фестивали, а неодамна беше дел од „ПИН музичката конференција“ како дел од увертирата пред „Таксират“.
„Стоунд хеџ“ се чини дека носи свежина на македонската музичка сцена. Може ли да ни откриете како настана приказната за бендот?
– Тетово е мошне мало место каде што секој со секого се познава, така што сите што сме во музичките води се знаеме едни со други. Во почетниот состав беа вокалистката Ангела и гитаристот Исмаил со друг басист и тапанарка. Поради оправдани причини басистот и тапанарката го напуштија бендот. Ангела и Исмаил сè уште имаа желба за правење авторска музика и баравме луѓе што се стремат кон истото тоа. Се знаевме со Марко (тапани) и Дејан (бас-гитара) и решивме да пробаме да твориме заедно. Сè тргна како што очекувавме и ни е многу мило.
Бидејќи секој член на бендот носи своја енергија во уметноста што ја создавате заедно, кои се вашите музички влијанија?
– Секој од нас слуша различна музика и баш поради таа причина имаме од сè по нешто. За Ангела главни виновници се Алис Фиби Лу, „Натинг бат тивс“, Ејми Вајнхаус, „Тивери Корпорејшн“, Џек Вајт. За Исмаил се „Даб инк.“, „Мјуз“, „Портисхед“, „Хуверфоник“, Би Би Кинг, „Канда, Коџа и Небојша“ и Кинг Таби. За Марко се „Саблајм“ и „Интераптерс“, а за Дејан се „Горилаз“ и „Вајт страјпс“.
Во една од рецензиите на вашиот деби-албум се споменува искреноста што е вткаена во вашите текстови и мелодични песни, кои лесно го заведуваат слушателот и го пренесуваат во еден поинаков свет. Што беше инспирацијата за албумот?
– Во албумот се зборува за многу теми. Би ги одделиле на два дела. Едниот дел се „The Adventure“ и „Everyone is high“, каде што се раскажува приказна за едно мало еже. Другите песни се со различни тематики. Можеме да почнеме од тоа како општеството ни уништува голем дел од нашите соништа, за тоа како кога ќе ги прифатиме нормите што ни се наложени и стануваме луди како големиот дел луѓе. Потоа опфаќаме тематика поврзана со љубовта, која е нужно нешто во животов и каква и да е си носи нешто фино. Многуте темни тематики завршуваат со песната „You’ll be okay“, бидејќи на крајот сè ќе биде океј. Така што сметаме дека со текстовите успеавме да опфатиме делови од животот и случки што секому му се случуваат, да дадеме до знаење дека низ што и да поминувате не сте единствените. Светот го поздравивме со нова музика и дадовме до знаење дека не завршуваме тука. Ќе твориме до самиот крај.
Со оглед на тоа дека во текот на 2021 година имавте повеќе настапи низ Македонија, каков е досегашниот прием на „Hello world“ кај публиката?
– Секој настан на кој учествуваме е неизмерна среќа за нас. Многу сме благодарни за учеството на „ПИН музичката конференција“, што беше интересно ново искуство и се стекнавме со многу нови познанства. Прекрасно поминавме со многу позитивни вибрации од присутните. Публиката нè слуша и нè прифаќа. Заедно уживаме и ги пееме песните, така што ништо не може да ја замени таа среќа.
За крај, за што сонуваат „Стоунд хеџ“?
– За повеќе моменти исполнети со музика. За сè што содржи среќа.
Билјана Здравковска