Свети Николе или Свети Никола: Единствениот град со име на светец во Македонија (1)

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „ Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Свети Николе е град во истоимената општина, кој сe наоѓа на место каде што и во минатото имало населба што била централна и главна населба на Овче Поле. Географската поставеност на Свети Николе во големата и плодородна Овчеполска Котлина во минатото била причина за старите патишта што поминувале низ Овчеполието и се вкрстувале токму кај овој град. Некои од споредните селски патишта, кои исто така се стари патни линии, заедно со многуте тврдини и кули што порано постоеле на возвишенијата околу Свети Николе, имаат дополнително значење за положбата на оваа населба. Централната положба во средишниот дел на Овчеполската Котлина, заедно со плодните видови на земја, хидрографските и климатските услови, му овозможиле на народот што живеел овде во минатото да се занимава најчесто со сточарство, земјоделство и градинарство и да успее да опстои низ вековите. Старите топоними Градиште и Селиште, кои се забележливи во атарите на повеќе села во Овчеполието, како и низ цела Македонија, заедно со остатоците од градби на месностите што ги носат тие имиња, сведочат за големината на некогашните стари населби во Овчеполската Котлина.
За создавањето на населбата Свети Николе не постојат никакви податоци, или барем досега не се пронајдени такви. Обидите за претпоставување на потеклото на населбата во изминатиот век биле повлијаени од пропагандни намери, па затоа најчесто може да се прочита дека „Свети Николе потекнува од 13 или 14 век“, што не е точно. Пронајдоците при многуте градежни зафати на територијата на денешниот град го покажуваат спротивното, а историските услови во регионот и достапната литература само го дополнуваат тврдењето дека денешниот град се наоѓа врз стара средновековна населба, под која има антички градби, но и живеалишта од далечниот неолит. Продолжителноста на постоењето на оваа населба низ вековите може да се проследи преку старите книги и да се дополни со пронајдени остатоци од градби и артефакти што се појавиле на повеќе делови од градот. Денешното име на населбата се сретнува во еден документ од 14 век, за кој се смета дека е најстариот зачуван запис во кој се споменува населба со име Свети Никола во Овчеполието. Според историски записи за вековите порано и материјални пронајдоци на територијата на денешниот град, многу е веројатно дека населбата постоела и пред векот од кој потекнува најстариот досега познат запис за населба околу црквата „Свети Никола“ во Овче Поле. Црквата „Свети Никола“ во денешно Свети Николе се наоѓа врз градбата од 19 век, која била правена врз темели на уште постара црква. При работа во дворот на црквата за заштита од подземни води и влага, пред помалку од една деценија беа откриени свод од ранохристијанска базилика и неколку гроба со материјални остатоци од четвртиот век од нашата ера, што оди во прилог дека најверојатно овде имало црква уште во најраниот период на христијанството.

Фото: „Нова Македонија“

Знаејќи дека најстарите цркви биле правени на места на уште постари сончеви храмови, имајќи ги предвид информациите од повозрасните што граделе куќи на падините околу денешната црква, може да се претпостави дека под ридот каде што се Црквенско Маало и училиштето „Гоце Делчев“ постојат остатоци од стара античка населба што се протегала и на другите ридови во Свети Николе, била користена и во најраните години од средниот век, за потоа врз неа да бидат поставени стари гробишта врз кои се наоѓа голем дел од денешниот црковен двор и Црквенското Маало.
На другата страна од градот, во старото Раетско Маало се знае за старите тунели и премини што биле пронаоѓани кога „старите ги правеле куќите“. Според повозрасните, постојат подземни тунели што се вмрежени под денешниот град и поврзуваат значајни точки и подземни простории, а биле поврзани и со „големиот подземен пат“, кој, според повеќе преданија од овие краишта на Македонија, преку Овче Поле водел кон долината на големата река Вардар, која порано била нарекувана и Велика. Обработениот камен, ист или сличен со дел од градежниот камен од локалитетот во Кнежје, се забележува во детали на многу од куќите и во дворовите во тоа маало, околу возвишението и крстот „Свети Спас“, во „Лиска“, старите сведоштва за „црвени тули“ во Американско Маало и пронајдоците во центарот на денешно Свети Николе и на Рудина одат во прилог на тврдењето дека денешно Свети Николе е многу постара населба, која води корени од антиката и преку ранохристијанскиот период и почетоците на средновековието опстојала до времето од кое ни е познат записот за „метох Свети Никола и Јужиново“. Дури и црквата „Свети Стефан“ на градските гробишта е градена врз темели од постара црква. Камените крстови на „Свети Илија“ и „Свети Спас“ во самиот град потврдуваат за многу стари култови и сведочат дека под нив се наоѓаат делови од стари цркви. Месноста Југово е локацијата на споменатото Јужиново во метохот на црквата „Свети Никола“ од 14 век. Темелите од стари градби, водоводните земјени цевки и другите пронајдоци при градежни зафати во Долни Башчи и на Рудина покажуваат дека е многу веројатно населбата на местото на денешно Свети Николе да потекнува далеку пред средниот век, уште од антиката.
Записите од древните времиња, старите војни, сведоштвата за постоење на Овчеполска епископија во вековите пред Кирил и Методиј да тргнат на Брегалничката мисија, раширениот култ кон Свети Никола во сите делови на пространото Овчеполие, неизброените археолошки локалитети во околината на гратчето, спомените за пустиножителите и старите цркви и манастири, заедно со потврдените пронајдоци за време на различни градежни зафати што припаѓаат на повеќе епохи од минатото, се причини поради кои се верува дека населба на местото на денешно Свети Николе постоела не само пред 14 век туку дури и во антиката, па и во неолитот, а истата таа ја менувала својата положба во длабинскиот микрорелјеф во реонот каде што градот се наоѓа и во 21 век.
Поради положбата и стариот крстопат, денешните обиди за изградба на нов пат што поминува низ Овчеполието, заедно со патните линии што биле градени во минатиот век, податоците за патните правци од 19 век, информациите за средновековните и римските патишта, но и старите Пеонски друмови, потврдуваат дека овој дел од Овчеполието отсекогаш бил важен за целиот регион. Култот и празнувањето на празникот на „летен“ Свети Никола, кој е во мај според пренесувањето на моштите во Бари, се дополнителна причина за истражување на случувањата во Овчеполието за време на Крстоносните војни и непознатиот период од средниот век. Потврдените археолошки пронајдоци и локалитети, заедно со историските податоци, се ресурс што може и треба да се употреби не само за научни цели туку и за економски развој. Поставеноста на денешно Свети Николе во овој дел на Македонија и светот го прави населба со огромна стратегиска важност, која во 21 век треба да го оправда атрибутот „главна“ населба во Овчеполската Котлина.

М-р Никола Ристевски

продолжува

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)