Фото: Горан Анастасовски
  • Константин и Елена не се само историски личности туку архетипи: тој – цар што ја претвори верата во сила на историјата, таа – мајка што ја претвори верата во светлина на духовноста. Затоа Црквата ги нарекува „рамноапостолни“ – изедначени со апостолите, бидејќи нивното дело е продолжение на апостолската мисија: ширење на верата, утврдување на Црквата и преобразување на светот

Историјата на човештвото е исполнета со владетели и моќници, но малкумина оставиле трага што ги надминува политиката и војните и се претвориле во вечни симболи на духовна преобразба. Такви се Свети Константин Велики и неговата мајка, Света Елена – личности, кои не само што ја промениле судбината на христијанството туку и ја обликувале иднината на целата европска цивилизација.

Константин – царот што ја претвори верата во сила на историјата

До неговото време, христијаните биле маргинализирани, прогонувани и осудувани на маки. Но со Константин, историјата направила пресврт. Со Миланскиот едикт од 313 година, тој ја отвори вратата на слободата и ја прекина вековната агонија на прогони. Тоа не бил само политички потег туку чин на историска храброст и визија.
Константин ја препознал силата на верата што не можела да се уништи со меч, ниту да се изгасне со крв. Тој ја претворил верата во темел на државата, а државата во заштитник на верата. Со изградбата на Константинопол, тој создаде град што ќе стане нов Рим, но и нов Ерусалим – престолнина на духовноста, културата и уметноста.

Елена – мајката што го пронајде светото дрво на спасението

Ако Константин е симбол на политичката и историската победа на христијанството, тогаш Елена е неговата духовна душа. Таа, во својата длабока побожност, тргнала кон Ерусалим и таму, според преданието, го пронашла Чесниот Крст – дрвото на кое бил распнат Христос. Со тоа, таа не само што го открила најсветиот симбол на верата туку и ја поврзала историјата со вечноста.
Елена изградила храмови што и денес стојат како сведоци на нејзината ревност: храмот на Воскресението Христово, храмот во Витлеем, храмот на Елеонската Гора. Таа ја втемелила традицијата на поклоништвото и ја претворила Светата Земја во живо срце на христијанството.

Нивното наследство – мост меѓу историјата и вечноста

Константин и Елена не се само историски личности туку архетипи: тој – цар што ја претвори верата во сила на историјата, таа – мајка што ја претвори верата во светлина на духовноста. Затоа црквата ги нарекува „рамноапостолни“ – изедначени со апостолите, бидејќи нивното дело е продолжение на апостолската мисија: ширење на верата, утврдување на Црквата и преобразување на светот.
Без нив, христијанството можеби ќе останело вера на малцинството, скриена во катакомбите и во срцата на прогонетите. Но со нив, тоа стана вера на народи, култури и цивилизации. Денес, кога нивниот празник се слави со свеченост и радост, ние не се сеќаваме само на цар и царица туку на двајца светилници што ја осветлија историјата и ја претворија верата во вечна светлина. Д.Ст.