Фото: Пиксабеј

Британскиот парох Џон Мичел, користејќи ги само Њутновите закони, насетил постоење на најзагадочната појава во универзумот. Мислата за постоењето на црните дупки и денес предизвикува непријатност – речиси метафизички страв од бездната на универзумот. Уште повеќе вознемирува тоа што се верува дека во космосот постојат милијарди вакви невидливи џинови.

Угледни физичари одбивале да веруваат во црните дупки

Сепак, за време на 20 век многу угледни физичари со децении одбивале да поверуваат дека црните дупки навистина постојат, иако математичарите јасно ги предвиделе. Дури и самиот Алберт Ајнштајн, чија теорија на релативноста ја отвори можноста за нивното постоење, бил меѓу скептиците. Многу пред да се роди Ајнштајн, сепак, еден британски свештеник, Џон Мичел, покажал неверојатна научна интуиција. Во 18 век, користејќи ги само Њутновите закони, овој тивок парох предвидел постоење на небесни тела што не емитуваат светлина – нешто што децении подоцна го добило името „црна дупка“.
Џон Мичел е роден во 1724 година во селото Икринга, Англија, како син на Гилберт Мичел, главниот парох, и неговата сопруга Обидијенс Џерард. Тој пораснал во дом каде што се охрабрувале размислувањето и самостојноста. Неговиот татко велел дека неговиот син има „најбистра глава со која некогаш разговарал“. Семејството следело насока што произлегува од Њутновите идеи во Кембриџ – уверување дека разумот и верата не мора да бидат спротивставени. Кога дошло времето младиот Џон да оди на студии, изборот бил природен – Универзитетот во Кембриџ. Во тоа време Кембриџ бил живо место на интелектуални расправи. Со многу кафеани и само неколку стотини студенти, идеите се ширеле брзо и слободно. Мичел таму поминал повеќе од две децении, предавајќи хебрејски, грчки, аритметика, теологија и геологија. Неговата училница на Кралскиот колеџ била полна со инструменти, направи и експерименти – повеќе слична на работилница отколку на училница. Од теологија до космологија, Мичел прво ја објавил студијата за магнетизмот во која го формулирал законот на обратен квадрат – еден од темелите на подоцнежната навигациска практика. Десет години подоцна тој ја проучувал механиката на земјотресите, опишувајќи ги слоевитата структура на Земјата и брановото ширење на сеизмичките потреси. Тој бил меѓу првите што покажале дека епицентарот може да се пресмета, како и дека подводните земјотреси предизвикуваат цунами.

Телескопот ја променил гледната точка на светот

По напуштањето на Кембриџ во 1764 година, Мичел се оженил со Сара Вилијамсон и ја презел службата како главен парох во Торнхил, Јоркшир. Сара наскоро починала, а тој подоцна се оженил со Ен Бреќнок. Освен свештеничките должности, Мичел одржувал и живописна преписка со најпознатите научници на неговото време, меѓу кои бил и Бенџамин Френклин. Иако денес изгледа необично свештеник да учествува во научни дискусии, во 18 век тоа не било чудно. Тогашните научници не ја разделувале науката од верата. За Мичел и неговите современици, истражувањето на природните закони значело и подобро разбирање на божјите дела.
Телескопот ја променил гледната точка на светот. Дотогаш стабилната претстава за хиерархијата на небесните тела била заменета со визијата за бесконечниот универзум. За мислители како Мичел, тоа не ја нарушило неговата вера, туку само го зголемило чудото на создавањето. Како верен следбеник на Њутн, тој сметал дека законите на природата се – закони на Бога. Во тој дух, тој сè поголемо внимание насочувал кон космологијата и гравитацијата.
Токму на тоа поле неговото име ќе остане запишано во историјата на науката. Мичел изградил свој рефлектирачки телескоп долг три метри и прв ги применил статистичките методи при набљудување на ѕвездите. Во труд од 1767 година покажал дека ѕвездените групи како Плејадите не се случаен распоред, туку резултат на гравитациско привлекување. Во 1783 година неговиот пријател Хенри Кавендиш се пошегувал пишувајќи му: „Ако твоето здравје ти дозволи да продолжиш со телескопот, се надевам дека барем ќе се посветиш на полесна работа – мерење на тежината на светот“. Се покажа дека шегата крие вистина. Мичел во тоа време навистина работел на торзиона вага, уред што би овозможил мерење на густината на Земјата преку гравитација. Мичел починал пред да успее да го заврши експериментот, но неговиот уред подоцна го искористил токму Кавендиш, кој во 1797 година ја пресметал густината на Земјата со неверојатна прецизност – отстапувањето од сегашната вредност било помало од еден процент. Методот на Мичел, во основа, се користи и денес за мерење на гравитациската константа.