Фото: Марио Шаревски

Знаменитостите на Македонија

Врз основа на зачуваните натписи, црквата била подигната во 1597 година. Во натписите испишани со старословенски букви се спомнуваат ктиторите Овчина и В’лкове. Натписите се наоѓаат на нишата, над протезисот и на просторот помеѓу нишата на протезисот и апсидата. Во минатото црквата била метох на Бигорскиот манастир. Во 1913 година црквата била целосно ограбена од Турците, при што биле ограбени повеќе скапоцени и старозаветни икони со вкупна вредност од 50 наполеони

Црквата „Св. Варвара“ се наоѓа во маалото Рајчки, средното маало на селото Рајчица, на зарамнета ливада високо над Дебарско Езеро и градот Дебар. Таа е прогласена за заштитен споменик на културата во Македонија. До неа се стигнува преку земјена патека, која започнува каде што завршува асфалтниот пат во маалото. Во кругот на црквата постојат и гробишта што им припаѓаат на жителите на маалото Рајчки.

Фото: Марио Шаревски

Врз основа на зачуваните натписи, црквата била подигната во 1597 година. Во натписите испишани со старословенски букви се спомнуваат ктиторите Овчина и В’лкове. Натписите се наоѓаат на нишата, над протезисот и на просторот помеѓу нишата на протезисот и апсидата. Во минатото црквата била метох на Бигорскиот манастир. Во 1913 година црквата била целосно ограбена од Турците, при што биле ограбени повеќе скапоцени и старозаветни икони со вкупна вредност од 50 наполеони. Во март 2016 година олтарниот дел на црквата бил целосно разорен од трагачи по злато. Во внатрешноста на црквата биле забележани многу оштетувања.
Црквата е еднокорабна, со полуобличест свод, тристрана апсида (од надворешната) и полукружна апсида (од внатрешната страна). Градена е од кршен и делкан камен, кој е употребен само при создавање на вратата и прозорците. При градењето биле употребени и сполии од некој постар култен објект. Таа е мала по димензии и со неугледна надворешност.

Во внатрешноста на црквата има добро зачуван фрескоживопис, кој е насликан истата година кога е подигната црквата. Имињата на зографот и на неговите двајца помошници остануваат непознати. Нивното сликарство нема поголеми ликовни вредности.

Од некогашниот живопис се зачувани остатоци на источниот ѕид, меѓу кои подобро ликовите на Св. Стефан, Омелисмос, светители од Великиот вход, Св. Роман, „Благовештението“, „Богородица Ширшаја Небеса“ и фрагмент од композицијата „Вознесение Христово“. На импровизираниот дрвен иконостас има неколку икони од истите зографи. Д.Ст.


Дешат

Фото: Марио Шаревски

Дешат е планина на македонско-албанската граница, дел од веригата Шар-Кораб-Дешат-Крчин-Стогово-Караорман. Највисок врв е Веливар (Вели Врв) со 2.373 метри. Други високи врвови се Дели Сеница и Сува Бара. Има неколку мали леднички езера. Најпопуларно е езерото Локув, кое се наоѓа на североисточниот дел на планината на 1.560 метри надморска височина и е најниско ледничко езеро во Македонија. Од источната страна тече реката Радика, која ја дели од Бистра и Стогово. Поголем дел од планината е во подрачјето на националниот парк Маврово. Најниската точка на планината Дешат на територијата на Македонија се наоѓа при вливот на Требишка Река во Радика, на надморска височина од 680 метри, а највисоката е врвот Веливар на 2.372 метри, со што релативната висинска разлика помеѓу овие две точки изнесува 1.692 метри. Д.Ст.


Дебарско Езеро

Фото: Деан Лазаревски

Дебарско Езеро (познато и како езерото Шпиље) е вештачко езеро во западниот дел од Македонија, јужно од градот Дебар, на местото каде што реката Радика се влева во реката Црн Дрим, кај месноста Шпилски Мост. Езерото влегува во групата на изградени акумулации. Езерото е создадено со подигање брана во висина од 101 м, која била градена во периодот од 1966 до 1968 година. Полнењето на акумулацијата завршило во 1969 година. Езерото е долго 22 километра, со најголема длабочина од 94 метри, зафаќајќи површина од 1.320 хектари. Водите во езерото доаѓаат од реките Црн Дрим и Радика, како и од водите на речните текови што се создаваат на југозападната страна на планината Стогово и североисточната страна на планината Јабланица. Дотокот од страна на реката Црн Дрим е доста рамномерен во текот на целата година поради постоењето на Охридско Езеро и езерото Глобочица, кои служат како регулатори, додека од Радика е мошне променливо и зависи од природните фактори во сливот. Д.Ст.