Македонскиот електронски музички проект „Трипнотик“, зад кој стои продуцентот и диџеј Емил Хаџи-Панзов, го објави своето ново EP насловено „Survivor“.
Изданието е следбеник на популарниот сингл „Trip Naughty“, што доживеа голема меѓународна клупска и радиска поддршка. Насловната песна и трите ремикси од него сè уште се емитуваат на стотици радиостаници низ светот.
Судејќи според првичните реакции, се чини дека и новото издание на „Трипнотик“ го очекува сличен успех. Носечката песна „The Struggle“, веќе доби поддршка од неколку култни имиња од светската електронска сцена, кои песната ја пуштаат во своите радиоемисии и диџеј-сетови. Меѓу првите што ја промовираат е Лорен Гарние, нарекувајќи го „Survivor“ „неверојатно издание со зашеметувачки добра музика“.
Инаку на „The Struggle“, „Трипнотик“ соработува со њујоршкиот рапер Аверис, кој во минатото веќе има издавано за „Филтер лабел“. Песната е своевидно враќање на продуцентот кон сопствените трип-хоп корени, но овој пат во комбинација со хип-хоп естетиката на американскиот источен брег. „The Struggle“ претставува критика на општествените девијации на нашето време, во кое неспособните ја форсираат (пот)просечноста, а знаењето и стручноста се сметаат за опасни. Во такви услови, алчните политичари се на тронот, а интелектуалците се потиснати во изолација. Новиот сингл на „Трипнотик“ можеби не нуди решение за излез од оваа ситуација, но сигурно поттикнува на размислување за начините да се дојде до него. Покрај „The Struggle“, на изданието се наоѓаат и инструментална верзија
на песната наречена „Diablo“, како и амбиенталната тема „Bleed On“.
EP-то „Survivor“ ќе биде достапно преку сите релевантни дигитални сервиси за симнување и стриминг на музика.