Вчера Скопје грмеше, а на небото над градот немаше ниедно облаче. Па, може ли да биде поинаку кога една од најдобрите, најсупешни и најдолговечни македонски групи прославува 30 години на сцената. „Суперхикс“, банда инструментале, во паркот Расадник, во Кисела Вода, пред повеќе илјади обожаватели и почитувачи на нивната музика ни покажаа зошто звучат свежо и моќно како првиот ден, а нивните хитови и по три децении се уште предизвикуваат еуфорични реакции кај публиката! Ретко која група кај нас може да се попфали дека толку долго и успешно егзистира на музичката сцена, дома и надвор од границите на Македонија.
За магијата да биде целосна се погрижија: лидерот Петар Младеновски – Пеце – бас, вокал и Борис Минов – Борче – гитара, кои заедно со Зоран Жежов – Кечо 1993 година како средношколци формираа ска-панк група со реге, латино, џез, свинг и балкански влијанија, но, за официјален роднеден на бендот се смета датумот на првиот настап а тоа е 3 март 1994 година кога „Суперхикс“ првпат настапија во скопскиот клуб „Доорс“. Во сегашниот состав се и: Дарко Попов – Даро – тапани, Александар Спасовски – Жути – труба, Гоце Лалковски – диџеј, Валентин Видовиќ – саксофон и Бранко Илиевски – тромбон.
Бидејќи изминатите години соаставот се менуваше, синоќа се појавија и голем број од поранешните членови на „банда инструментале“. Тука беа и гостите, пријатели на бендот: „Ред 18“, српската група „Ja, дека и Зека“, Дани Димитровска, „ 21 Век“, „Фолтин“, Камерниот оркестар од Битола, продуцентот Мите Димовски…
И се редеа хитовите, кој од кој поголем: „Знам дека љуби“, „Песни глупави лесни“, „Африка“, „Сила и нервоза“…, се виореа знамиња, најголемото подарок од обожавателите на „Суперхикс“. И луѓе лудуваа и навистина убави нешта се случуваа, додека сите ги пееја песните на Хикси препуштајќи му се на магичниот ритам, предизвикувајќи вистинска лавина од добри вибрации.
„Ова е еден до најдобрите концерти на кој сум присуствувал“, „скокање, насмевки, позитивна енергија, пеење на глас, многу гости, ладно пиво, по некоја шутка“, „синоќа „Суперхикс“ направија незаборавен спектакл со многу гости на сцената, со убава енергија, со насмеани лица од сите генерации“…, ова се само некои од позитивните коментари за концертот што синоќа ги преплавија социјалните мрежи.
Се заблагодарија и главните актери за се она што се случуваше во Кисела Вода, скопска општина која година одбележува 69 години постоење.
„Дечки, фала на сите за сѐ! Фала на сите присутни за енергијата и незаборавната забава која без вас немаше да биде возможна. Срцата ни се полни што ве видовме вчера во голем број, сите на куп, расположени и разиграни!Фала на сите наши гости и пријатели што беа дел од овој голем јубилеј и неизмерна благодарност до Општина Кисела Вода и манифестацијата „Културно лето“ што го организираа целиов овој настан и се погрижија сите да уживаме во вчерашната журка. Да ги славиме сите наши следни јубилеи заедно!“, е објавено е на официјалната страница на „Суперхикс“.
И како вистински театарско-музички перформанс, во кој немаше ни грам глума, туку максимална лојалност, иискреност, кои освен талентот, ентузијасмот и среќните околности, според членовите на „Суперхикс“, се она што го одржа бендот сите овие години, концертот го отвори актрерот Димитрија Доксевски- Докс од Драмски театар, со шеговита најава за меѓународните уеси на Хикси. Но во сите искажани збороиви, имаше и голема вистина, бидејќи Пеце и другарите се едни до најактивните музичари во Македонија со бројни настапи надвор од нашите граници. Зад нив се шест студиски албуми, бројни компилации, стотици концерти и турнеи, илјадници поминати километри… „Суперхикс“ ја делеле сцената со: „Ману Чао“, „Грин деј“, „Бед релиџн“, „Феит но мор“, „Морчиба“, „Молоко“, „Напалм дет“ …
А ако уште се прашувате која е формулата за овој успех и долговечност, Пеце ќе рече:
-Нема тука формула за еден бенд да опстои толку долго. Покрај талентот и работата сме имале и среќа и веројатно најважното – почит и разбирање и многу љубов за сите – вели Пеце.
И затоа што и да направи оваа банда инструментале во иднина, ќе го отпееме заедно со нив, на вакви концерти за паметење!