Сѐ поголемата популарност на СУП-штиците меѓу туристите на грчките плажи создава нови предизвици за крајбрежната стража и спасувачките служби
Стоечкото веслање популарно наречено СУП е воден спорт што комбинира рамнотежа, сила и релаксација. Потекнува од Хаваите и е инспирирано од традиционалното сурфање, но за разлика од него, кај стоечкото веслање спортистите стојат на поголема и постабилна штица и користат весло за движење по површината на водата. Овој спорт стана исклучително популарен во последната деценија, особено на мирни води како езера, заливи и крајбрежни области, бидејќи е лесен за учење, погоден за сите возрасти и нуди одлична можност за рекреација, вежбање и за уживање во природата.
Сѐ поголемата популарност на СУП-штиците меѓу туристите на грчките плажи создава нови предизвици за крајбрежната стража и спасувачките служби. Со зголемувањето на бројот на рекреативци што се впуштаат во стоечко веслање, расте и бројот на случаи во кои е потребна интервенција, информираат надлежните грчки институции.
Наместо мирна активност за уживање и фотографии за социјалните мрежи, СУП-веслањето се претвора во главоболка за спасувачите, кои често се повикувани да интервенираат кога корисниците ќе сфатат дека морето не е безопасно.
Како што известуваат грчките медиуми, годинава на островот Лимнос, девет деца биле одвлечени од силен ветер додека веслале на СУП-штици. На Лефкада, двајца корисници на штици морале да повикаат итна помош преку бројот 112.
Грчкиот сојуз на спасувачи укажува на потребата од воведување систем за сертификација на корисниците на СУП.
Според спасувачите, ваквите активности треба да се одвиваат само до 500 метри од брегот, да не се практикуваат при лоши временски услови или ноќе и задолжително да се носи елек за спасување – нешто што често се занемарува.
Според грчкиот спасувачки сојуз, бројот на интервенции постојано се зголемува, но досега нема фатални случаи токму поради тоа што самата штица функционира како средство за спасување.
Со текот на годините, спасувачките екипи се подобро опремени – користат џет-скии и чамци за побрза реакција, но и покрај тоа, спасувачите укажуваат дека СУП треба да се користи само на уредени плажи со присуство на спасувачи. Во спротивно, интервенциите знаат да се сведат на импровизации со помош на локални рибари.
Како решение, спасувачите предлагаат основна едукација преку кратки курсеви за безбедно користење на СУП-штиците. Неколку лекции, заедно со информации за временските услови и морските струи, би помогнале љубителите на спортот да избегнат ризици и да ја разберат сериозноста на активноста.