Фото: Пиксабеј

Научниците до денес дале разни теории и наоди во нивното проучување на Земјата и небесните тела. Според една теорија, Месечината некогаш била дел од Земјата и се формирала кога пред повеќе од 4,4 милијарди години,небесно тело со големина на Марс ја погодило примитивната Земја и се откинало парче, кое се отцепило и почнало да орбитира околу нашата планета. Според најновата студија, ударот на непознат објект донел основни материјали одговорни за појавата на живот на површината на Земјата. Според истражувањето објавено од веб-страницата „Спејс“, судирот имал многу поголемо влијание отколку што мислевме. Благодарение на овој судир, нашата планета била „снабдена“ со доволни количества јаглерод, азот и сулфур, кои биле неопходни за формирање живот.
Некогаш, површината на Земјата била слична на површината на Марс. Имала светлечко јадро и обвивка, но надворешниот дел од јадрото содржел многу малку испарливи елементи, како што се азот, јаглерод и сулфур. Тоа количество не било доволно за развој на живот. Хемиските елементи надвор од огненото јадро на планетата би можеле да се мешаат едни со други, но не и со елементите на јадрото. Иако во тоа време во јадрото на Земјата постоеле испарливи хемиски елементи, тие не можеле да стигнат до површината на планетата. Една теорија вели дека посебен вид метеорит, наречен јаглероден хондрит, се урнал врз Земјата и предизвикал елементи од јадрото на планетата да реагираат со оние на површината. Оваа теорија се базира на фактот дека изотопи на азот, јаглерод и водород се наоѓаат на површината на метеоритите. Застапниците на оваа теорија се согласуваат дека е можно метеоритите да биле извор на овие елементи.
Авторите на новата студија сакале да тестираат друга теорија – дали друга планета можела да ги „донесе“ овие хемиски елементи важни за развојот на животот. Земјата можеби се судрила со многу различни планети и теоретски е можно некоја планета да ги донела потребните елементи.
Научниците ги вклучиле новите наоди во симулација на судир, како и информациите за тоа како се однесуваат различните испарливи елементи и моменталните количества на јаглерод, азот и сулфур во надворешните слоеви на Земјата. По една милијарда симулации, тие дојдоа до заклучок, кој е можеби најлогичен. Потребните елементи на Земјата можеле да се формираат само со судир и спојување со јадрото на небесно тело со големина на Марс, кое имало 25-30 проценти сулфур во својот центар.