Компанијата „Спејс екс“ ја лансира својата ракета „Фалкон 9“ во вселената со новите интернет-сателити „Старлинк“, поставувајќи нов рекорд.
Проектот на американскиот бизнисмен Илон Маск продолжува да се развива со секое лансирање нови сателити на интернет „Старлинк“. Овој пат од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида беа лансирани 47 нови сателити, а девет минути по полетувањето, првата фаза од ракетата „Фалкон 9“ успешно беше спуштена во Атлантски Океан.
Меѓутоа, ова лансирање е посебно затоа што е 11-то успешно лансирање на истата ракета, што е нов рекорд. Претходно, ракетата беше искористена за лансирање на мисијата „Транспортер 2“, сателитот „Турксат 5А“, мисијата „ГПС III СВ03“, како и седум други мисии на „Старлинк“.
Докажувањето на импресивната употребливост на ракетата „Фалкон 9“ е исклучително важно за „Спејс екс“, бидејќи мисиите се значително поевтини на овој начин. Во минатото, Маск често истакнуваше дека брзото повеќекратно користење на новите вселенски технологии се клучни за мисиите на Марс, враќањето на луѓето на Месечината и истражувањето на длабоката вселена.
„Спејс екс“ започна со развивање на соѕвездието од сателити „Старлинк“ во 2019 година, со цел да се овозможи интернет-конекција во оддалечените региони. Неодамна, Маск испрати 50 терминали на „Старлинк“ во Украина, која е нападната од Русија. На тој начин Украина ќе остане онлајн.
Компанијата продолжува со лансирање на сателитите, а до денес има повеќе од 2.000 во ниската орбита на Земјата. Во долгорочните планови на „Спејс екс“ се до 30.000 сателити.