Компанијата „Спејс екс“ има намера да го прекине производството на својата капсула „Кру драгон“ откако ќе ја заврши работата на четвртата и последна копија.
По потврдувањето на оваа информација, приватната компанија на американскиот бизнисмен Илон Маск соопшти дека ќе продолжи да произведува компоненти за леталото и ќе го задржи капацитетот за производство на дополнителни капсули „Кру драгон“ во случај нешто да се промени во иднина, пишува „Ројтерс“.
Со оглед на фактот дека „Кру драгон“ може да се користи повеќепати, отсекогаш се претпоставуваше дека „Спејс екс“ ќе произведе ограничен број копии од ова летало, но до најновите информации не се знаеше колку капсули всушност се планирани пред да се премине на други проекти.
Од својот прв лет со екипаж во 2020 година, капсулата „Кру драгон“ пренесе пет екипажи во вселената, вклучувајќи и еден составен од цивили кон крајот на минатата година. Како дел од тековната програма „Комершел кру“, НАСА планираше да ја користи капсулата на „Спејс екс“ за испраќање астронаути на Меѓународната вселенска станица за време на шест различни мисии, но неодамна објави дека ќе ја користи уште три години поради доцнењата поврзани со вселенското летало „Старлајнер“ на „Боинг“.
Крајот на производството на „Кру драгон“ доаѓа во време кога „Спејс екс“ чека сертификат за следната генерација на ракетата од големи размери „Старшип“ да биде оперативна. Токму оваа ракета е вклучена во сите планови на „Спејс екс“ за Месечината и Марс. По неколку одложувања, Маск неодамна изјави дека во мај го очекува првиот орбитален тест-лет на „Старшип“.