Омилената манифестација „Златна бубамара на популарноста“ оваа година ги проширува своите музички хоризонти со настапот на една повеќедецениска соул-легенда.
Taлентирана и интригантна, американската вокалистка Марта Хај (1945) се смета за една од највредните жени во шоу-бизнисот. Респектирана како соул-божица и позната поради 32-годишната соработка со кумот на соулот Џејмс Браун, Марта Хај градеше две кариери – сопствената соло и кариерата на прв придружен вокал на Џејмс Браун.
Таа настапувала на иконични концерти, кои биле вистинска пресвртница во музиката, од концертот во Бостон Гарден во 1968 година до серијата европски концерти со Лин Колинс, насловени „James Brown’s Funky Divas Tour“ во 2005 година.
Од своите почетоци во 1967 година, кога како членка од групата „Џуелс“ го придружуваше Џејмс Браун, Марта Хај остана негов повеќедецениски придружен вокал во следните 32 години, дури и кога „Џуелс“ се растурија. Во децениите со него снимаше и самостојни албуми, како „Sal Soul“ во 1979 година, продуциран од Џејмс Браун. Во нејзината кариера е вклучено и создавањето на неколку соул-групи.
Биографија на Марта Хај објаснува зошто е наречена највредната дама во шоу-бизнисот. Таа настапувала и со некои од најпознатите музичари, како Литл Ричард, Џери Ли Луис, Темптејшн, Арета Френклин, Пети Лабел, Б.Б.Кинг, Мери Џи Блајџ, Стиви Вондер, Принс, Мајкл Џексон, Полис и многу други.
Нејзиниот моќен вокал и денес звучи чудесно и потпишува обемно музичко наследство, во кое освен соул и фанки, има и многу блуз и џез-мелодии.
– Со нетрпение чекам да настапам пред публиката во Македонија – порача Хај пред нејзиниот настап на годинашната 29. „Златна бубамара на популарноста“, на која ќе ѝ биде врачена награда за животно дело.
Таа ќе ја изведе култната „I Feel Good“ – во очекување сите во салата „Борис Трајковски„ да се чувствуваат добро во вечерта на 26 февруари, на 29. „Златна бубамара на популарноста“.