ВСЕЛЕНСКА ТЕХНОЛОГИЈА
НАСА и вселенските агенции на Јапонија и на Кина интензивно работат на развој на технологија и нови материјали од кои би се направил кабел што би ја поврзал Земјата со нејзиниот природен сателит. Идејата за изградба на лифт што би се користел за патување до вселената е стара речиси 60 години. Рускиот инженер Јури Арцутанов претставил неверојатна идеја за изградба на вселенски лифт во 1959 година. Идејата, која тогаш можела да биде инспирација за снимање научнофантастичен филм, во иднината може да стане реалност. Принципот на изградба не е сложен – од екваторот до орбитата би бил развлечен кабел, на чиј крај би се наоѓал сателит што би имал улога на контрастега. Кабелот би стоел вертикално со помош на центрифугалната сила, која би овозможила возилото преку кабелот да патува до вселенската станица.
НАСА и вселенските агенции на Јапонија и на Кина, кои со години работат на развој на технологија за вселенски лифт, имаат цел да ја реализираат својата идеја до 2050 година, а тоа би чинело околу 90 милијарди долари. Во неодамнешна студија на универзитетите „Кембриџ“ и „Колумбија“ се истакнува дека е можна изградба на лифт, и тоа од материјали што денес се користат во развојот на вселенската програма. Научниците во студијата тврдат дека кабелот би можел да се протега од површината на Месечината до Земјината орбита, 35.000 километри над површината на Земјата. На тој начин кабелот би бил заштитен од судирите со сателити што летаат во ниската орбита околу Земјата. Кабелот би бил изработен од карбонски влакна и би ја поврзал Месечината со високата орбита на Земјата.
Еден од проблемите со кои научниците ќе се соочат е материјалот за изработка на кабелот. Тој мора да биде неверојатно силен. Каблите од карбон, кои се составени од многу тенки влакна и кои се стопати посилни од челик, би можеле да бидат одговорот, но денешната технологија сè уште нема соодветни решенија. Друг проблем е како да се избегне вселенскиот отпад, кој го има сѐ повеќе и кој може да стане опасност за кабелот ако удри во него. Според пресметките на научниците, изградбата на првиот вселенски лифт би можела да трае од седум до 12 години. Со создавање директна врска до Месечината би можела да започне експлоатацијата на разни руди и минерали што ги има на нејзината површина. Со текот на времето би можела да биде изградена и поголема вселенска станица, која ќе им овозможи на астронаутите да направат вселенско пристаниште за пристигнување на леталата.