По серијата настапи во регионот, во петокот и саботата познатиот македонски гитарист, композитор, пејач и текстописец Влатко Стефановски, одржа два извонредни концерти во големата сала на македонска Филхармонија. Поводот за овој настан, обоен со многу емоции, за кој уште долго ќе се зборува, е 50 години плодна музичка кариера на легендарниот музичар.
Се разбира Влатко не прошета низ целиот негов опус, од почетоците со „Леб и Сол“, до најпознатите хитови од неговата соло кариера и се разбира некои нумери од музиката што тој ја напиша за филм, телевизија и театар.
Концертот го организираше „Мјузик тајм“ и менаџерот Томислав Кашљевиќ од Загреб, кој пред еден месец заедно со музичката уредничка на „Кроација рекордс“, Клаудија Чулар, на прес-конференција во Скопје ги најавија овие два музички настани, кои слободно можеме да кажеме ќе бидат дел од историјата на македонската популарна мзуика. Тогаш беше претставено и неговото тројно винилно издание „London Sessions“, снимено во познатото музичко студио „Abbey Road“ во Лондон, за што Стефановски изјави дека е остварување на еден негов дамнешен сон.

Музичкото патување почна со звуците на песната „Абер дојде Донке“, инструментал со кој „Леб и сол“ во далечната 1978 година во Опатија, ја разбрануваа музичката јавност во некогашна „Југославија“ и ја започнаа својата богата музичка кариера. И токму тој спој на рок, етно-џез, блуз и македонска традиционална музика, стана нивни заштитен знак, но и патека по која се движеше креатиниот пат на Стефановски.
Речиси три часа Влатко, заедно со синот Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас, кои се членови на негвото трио, а со текот на времето израснаа во врвни музичари, извонредниот Дамир Имери зад клавијатурите, кој редовно го придружува Стрефановски на настапите, како и придружните вокали од Струмица и Радовиш: Слободанка, Стојан и Тодор, со кои Влатко, во еден момент дури и заигра оро на сцена, што беше бурно поздравено од публиката. На концертот присуствуваа и снаата на Влатко, Патриша Стефановска и синот на неговиот брат Горан, Игор Стефановски кои допатуваа од Англија.
Всушност сите присутни со својата енергија многу придонесоа за успешноста на концертот, за што секако заслужни се и гостите: Момчило Бајагиќ-Бајага, со кого Влатко исполни три песни („442 до Београда“, „Тишина“ и „Ти се љубиш…“) и македонскиот музичар Горан Бојчески, кој свиреше на кларинет и саксофон, кој живе и работи во Словенија, каде е доста познат.
Бајага раскажа дека својата прва гитара ја купил на 15 години, кога првпат ги слушнал „Леб и Сол“ на концерт во Белград и бил одушевен од виртуозноста на Влатко Стефановски.
И се редеа песните кои ја обележаа кариерата на легендарниот музичар: „Кандилце“, „Бистра вода“, „Кумова слама“, „Бистра вода“, „Влатково оро“,„Верба, надеж, љубов“, „Џипси сонг”, „Чувам ноќ од будних“, „Скопје“, „Чукни во дрво“, „Јовано, Јованке“… На крајот ја слушнавме и неговата верзија на песната на „Битлси“ „While My Guitar Gently weeps“.
И во сите песни доминираше единствениот звук на гитарата на Влатко Стефановски, кален и дотеруван половина век. По три биса заврши оваа ноќ за паметење, која сите ги допре со своите емоции. Ноќ кога по кој знае кој пат се уверивме зошто во континуитет од 50 години Влатко е амбасадор на македонската култура во светот. М.Т.