Вештачката интелигенција, архитектурата и дизајнот
Ветувањата и опасностите од користењето на вештачката интелигенција го потресуваат светот на архитектурата и дизајнот во последните неколку месеци, но малкумина сфаќаат дека револуцијата веќе се случува. Алатките како Дал-Е, Мидџрни и Стејбл дифјужн го олеснуваат создавањето атрактивни слики: облакодери во стилот на Френк Лојд Рајт, комбинација од научна фантастика и арт-нуво, скали во облик на бел слез, згради направени од ѓубре. Вештачката интелигенција веќе го обликува реалниот свет со несогледливи последици, пишува британски „Гардијан“.
Последната алка во синџирот на архитектонската професија
Нил Лич, автор на книгата „Архитектурата во ерата на вештачката интелигенција“, вели дека проблемот со архитектите е што тие се речиси исклучиво фокусирани на сликите и дека потенцијално револуционерната промена лежи во многу помалку „секси“ област – во автоматизација на целиот дизајн-пакет, од почетните опции до изградбата. Вештачката интелигенција е веќе неспоредливо подобра од луѓето кога станува збор за стратегиско планирање и анализа во реално време. Тој додава дека тоа би можело да биде последната алка во синџирот на архитектонската професија.
Според Лич, ЕксКол е водечка алатка за вештачка интелигенција во архитектурата, чиј број на корисници рапидно расте. Само во Кина ја користат над 50.000 луѓе, а беше претставена и англиската верзија на софтверот наречен ЛукЕкс. Компанијата е основана во 2016 година од архитектот Ванју Хе, кој има искуство во работата за познатиот холандски архитект Рем Колхас. Неговите вработени биле фрустрирани од застарениот начин на работа, односно не ја замислувале така иднината на архитектурата. Затоа, тие решија да направат нешто околу тоа.
ЕксКол има цел да обезбеди сеопфатна платформа, користејќи вештачка интелигенција за да помогне во сè, од креирање мастерплан, користење стандардни параметри како што се барањата за дневна светлина, просторни стандарди и локални прописи за планирање, до креирање ентериери и детали за зградите. Тој, исто така, разви алатка за трансформирање дводимензионална слика на зграда во тродимензионален модел и претворање на дадена листа на големини на простории во планови на подот. Рано е и досега резултатите се чудни: хотел во Шенжен изгледа како да е дизајниран од роботи за армија гости – роботи.
Опасностите од користењето на оваа технологија
Марта Цигари, истражувачка од лондонската канцеларија на „Фостер енд партнерс“, предупредува за опасностите од користењето на оваа технологија. На пример, може да биде опасно доколку корисниците не знаат на какви податоци е обучена вештачката интелигенција, односно дека податоците се сè и дека ако вештачката интелигенција се „храни“ со ѓубре, таа ќе произведува и ѓубре. Прашањето за приватност на податоците и интелектуалната сопственост е исто така важно.
Сè на сè, според Лич, вештачката интелигенција е меѓу нас и таа нема да промени ништо, а архитектите треба да престанат да се однесуваат како ноеви што ја пикаат главата во песок.
– Она што следно треба да го дизајнираат е иднината на нивната професија, а не друга зграда – заклучи Лич.