Откако трговците со уметнички дела во Унгарија испратиле на поправка виолина што ја чувале со години заедно со половен мебел, било откриено дека инструментот го направил еврејски затвореник за време на Втората светска војна меѓу ѕидовите на нацистичкиот концентрационен логор Дахау во Германија.
– Пробен инструмент направен во тешки услови без алатки или материјали. Дахау, 1941 година, Францишек Кемп – гласи пораката скриена во виолината, која била пронајдена за време на поправката на виолината.
Иако изработката на инструментот јасно укажувала на вешт мајстор, професионалецот што ја поправил виолината бил збунет од лошиот квалитет на дрвото и суровите алатки што се користеле за нејзина изработка.
– Ако ги погледнете нејзините пропорции и структура, можете да видите дека станува збор за мајсторска виолина, изработена од човек што бил вешт во својот занает. Но изборот на дрвото е сосема неразбирлив – изјавила Сандра Катона, која го открила потеклото на виолината.
Мотивиран од контрадикцијата, професионалецот кај кого била однесена виолината на поправка ја расклопил, откривајќи ја скриената порака, која очигледно е објаснување, дури и извинување, од мајсторот – изработувач на виолини принуден од бруталните ограничувања на неговото заробеништво да направи инструмент што не ги исполнува неговите стандарди.
Дахау, кој се наоѓа во близината на Минхен, бил првиот концентрационен логор основан од нацистите во март 1933 година. Првично бил дом за политички затвореници, но подоцна станал модел за други логори, а во него биле затворени Евреи, Роми, свештеници, хомосексуалци и други лица што биле цел на нацистичкиот режим. Со текот на времето тој станал место на принудна работа, медицински експерименти и брутални казни, а останал во функција сè додека не било ослободен од американските сили на 29 април 1945 година. Се верува дека најмалку 40.000 луѓе починале таму од глад, болести, егзекуции или злоупотреба.
Постојат многу докази дека музички инструменти биле присутни во концентрационите логори низ Централна и Источна Европа за време на Втората светска војна, но се верува дека сите познати инструменти што го преживеале Дахау биле донесени од затвореници.
Виолината на надежта на Кемп, како што била наречена, е единствениот познат инструмент што всушност бил направен во логорот и не е познато како виолината го напуштила Дахау и на крајот стигнала во Унгарија. Кемп, според документите што Меморијалниот музеј во Дахау им ги доставил на унгарските трговци со уметнички дела, ја преживеал војната и се вратил во родната Полска за да продолжи да изработува инструменти сè до својата смрт во 1953 година.