Се чини како македонската џез-публика конечно да созреа, и тоа онака здраво. И сега што ме наведува на ваков заклучок – па минатогодишниот и годинашниот „Скопје џез-фестивал“ (СЏФ). За неверојатното минатогодишно издание веќе имав објава, а годинашното ако не го надмина, барем е на исто ниво како лани. Четири ноќи полни со различни видови џез, без некакви афрокубански и јужноамерикански стилови, без салса, кубанска музика, туку еден вистински, искрен, до коска чист џез. И она за што сета таа музичка авангарда беше дојдена, нормално дека мислам на публиката (ги имаше отсекаде, еден доктор со пријателот од Заечар, еден пар од Атина, група од Турција, две Босанки, а голем дел од разговорите на паузите се водеа на англиски, домашната публика), која упорно седеше, стоеше, играше, ракоплескаше, на секој нов изведувач, без да ја напушти Македонската опера и балет (местото каде што се одржуваше настанот) насред концерт. Е затоа велам дека сега Скопје има вистинска џез-публика, не глумци што сакаат да бидат видени, туку вистински љубители на џезот. Сето тоа благодарејќи на неколку луѓе што го воспоставија и го негуваа овој фестивал (корените се многу одамна засадени), а најголемата заслуга за сето тоа да биде така како што е му припаѓа на основачот, неверојатниот Оливер Белопета, кој цврсто стои зад овој фестивал. Првиот ден, 16 oктомври, фестивалот го отвори полскиот пијанист Андреј Јагоджински со неговото трио. Тапани, контрабас и пијано. И влегуваме во магичниот свет на Андреј, кој освен свои композиции, има и џез-обработки на делата на Фредрик Шопен, кои тој во својата беспрекорна изведба ги облагородува/воздигнува на ново ниво, како повторно да го откриваш Шопен. Веднаш по нив следува шеснаесетчлениот Македонски национален џез-оркестар (МНЏО) плус двајца гости, австрискиот Диригент Сиги Феигел и американскиот тромбонист Луис Бонила. МНЏО полека прераснува во една од најквалитетните големи џез-групи не само на овие простори туку и подалеку. За оние што не знаат, тие секој месец одржуваат по два-три концерти со различни странски солисти пред македонската публика. А концертот навистина беше прекрасен, труби, саксофони, тромбон, гитари, пијано, бас, тапани, за секого по нешто, и сите заедно со нивните гости нѐ водат низ светот на џез-музиката. На еден член од групата, на пијанистот Гордан Спасовски, му беше доделена награда за најдобар македонски џез-музичар. Вториот ден, петок 17 октомври, на сцената се појави Марк Рибот, сам со своите гитари. Почнува со една мала акустична гитара, небаре чиниш Џeјмс Тејлор (акустичарот од 70-тите од минатиот век). Тој негов смирен начин на свирење и ангажирани текстови се убавина како мирно езеро, па одеднаш тој почнува да импровизира на малата гитара, но го прави толку умешно што и еден Џими Хендрикс би му позавидел.
А импровизацијата беше небесна, свири, пее, удира по гитарата и во сето тоа провејува некоја мелодија. Истото го направи и во следните песни, но со нормална акустична гитара и потоа со електрична. Сѐ се мислам да беше учесник на „Вудсток 1969“ ќе ги засенеше во однос на импровизација и Хендрикс и Грејтфул Дед и Тен Јиарс Афтер и Џоплин… Во секој случај, навистина интересен пристап на мешавина на џез, ноиз, блуз, хипи-музика. Веднаш по него следуваше уште еден бенд што навлегува длабоко во импровизаторските џез-води. Кахил ел Забар (човекот не е забар по професија), кој доаѓа од истото собирно место од каде што доаѓаат еден Роско Мичел, еден Антони Бракстон, еден „Арт енсамбл оф Чикаго“, и кој исто така како овие истражува различни типови на таканаречената црнечка музика. Човекот е жива легенда и овде со својот состав од четири души и го докажа тоа. Секоја чест, ова треба да се доживее во живо. На третиот ден, 18 октомври, свиреа старите пријатели на СЏФ – „Афтер д Вилдфајр“. Но сега како квартет. Моето искуство со нив од пред две години не беше позитивно, иако зад себе имаа цел оркестар, па македонски свирачи на кавали, гајди, пејачи, а го имаа и Џијан Емин. Некако нивниот концерт тогаш ми изгледаше претенциозно, недоволно сварливо, без емоции, набрзина составено дело на авторите Арве Хенриксен и Јан Банг. И сега ги отсвиреа истите работи како тогаш, но како квартет, и повторно нешто недостигаше. Да, дека сега беше посозреано, се гледа дека работеле да го средат материјалот во новиот формат, но остана некоја празнина. Веднаш по нив следуваа Швеѓаните „Горан Кајфеш Тропик“. Интересен спој на разни инструменти, кои бавно градат долга композиција што избликнува во својата импровизација, влегувајќи од една во друга форма. Да, да и ова е џез, малку поразличен, но сепак џез.
Интересно е дека само за оваа пригода со нив настапија и двајца македонски гудачи. На четвртиот ден, 19 октомври, свиреа Вадада Лео Смит и Силви Курвоазие. Минималистички, само труба и пијано, но каков звук, какви импровизации, создавање на првиот човек. За нив нема што да се каже, во самиот врв на светскиот џез, и посебно како индивидуалци и заедно како дуо. Не останува рамнодушен никој. По нив следуваат ѕвездите на фестивалот – Џејмс Брандон Луис Квартет. Тенор-саксофонистот Џејмс, заедно со пијано, контрабас, тапани, создаваше повеќеслоен звук, небаре чиниш свири некој голем оркестар составен од дваесетина музичари. Кај нив и самата пауза помеѓу песните има некое темпо што не ти дава мир, едноставно играш, се нишаш, потпевнуваш, како да си хипнотизиран. А кога ќе почне саксофонот со своите импровизации чувствуваш/гледаш колку човекот е мал во однос на музиката. Час и нешто сосе бис во една звучна кутија каде што секој свири, импровизира нешто свое во исто време, и тоа така добро/позитивно влијае на човечката фреквенција од околу 7,8 херци (според стандардот ИСО 2631). Подобро лекување на човековото тело и душа тешко да се најде. И ете така заврши годинашниот СЏФ 2025, кој се враќа кон своите чистокрвни џез-корени, а кој во исто време покажа дека може да се мери со кој било светски џез-фестивал.
Љупчо Давчев
































