Некои видови сирења можат сериозно да го загрозат работењето на срцето. Иако сирењето е вреден извор на протеини, калциум и витамини А и Б12 и содржи казеин и триптофан, супстанции што поттикнуваат лачење допамин и серотонин, тоа носи и голем број опасности за здравјето. Колку сирење е дозволено да консумираме? Проблемот настанува бидејќи тоа има многу заситени масти и сол, која може да ги зголеми холестеролот и крвниот притисок, па така, и да го зголеми ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Умерената консумација на сирење обично има мал ефект на холестеролот, но сирењето со висок процент на масти може да го зголеми ако се консумира прекумерно.
Сирењето со висок процент на заситени масти е најлошо за здравјето на срцето. Американското здружение за срце препорачува процентот на заситени масти да биде помал од шест проценти од вкупно консумираните калории во текот на денот. Тоа значи дека лицето што дневно внесува околу 2.000 калории треба да го ограничи внесувањето заситени масти на помалку од 120 грама.
На пример, маскарпонето е особено тешка категорија, бидејќи има дури 29 грама заситени масти по порција, додека чедарот има околу 23 грама. Од друга страна, сирењата како моцарела, рикота и свежо сирење се многу полесни за срцето бидејќи содржат помалку заситени масти и натриум. Имајќи ги овие информации предвид, најдобро е да се одлучите за свежо сирење, кое во половина чаша има само три грама заситени масти. Според зборовите на кардиологот д-р Тарикшах Сиједа, сè зависи од видот на сирењето, количеството што ќе го јадеме и начините на кои го комбинираме.