Оние што не можат да се откажат од сирење и други млечни производи и кои се нетолерантни на лактоза, се изложени на висок ризик од доживување кошмари за време на спиењето. Ова тврдење го наведоа канадски експерти во студија во која учествувале повеќе од илјада испитаници студенти во Едмонтон. Студијата покажа дека дури една третина од студентите редовно доживуваат кошмари. Меѓу нив, оние со нетолеранција на лактоза биле најмногубројни и најчесто, покрај кошмарите, се жалеле на повремен и лош квалитет на спиење. Пред спиењето, тие консумирале млечни производи, претежно сирење.
– Тежината на симптомите на нетолеранција на лактоза беше поврзана со сериозноста на кошмарните нарушувања – изјави Торе Нилсен, главен автор и директор на Лабораторијата за соништа и кошмари на Универзитетот во Монтреал.
Студијата е спроведена врз основа на голем број прашања во врска со чувствителноста на храна, навиките за спиење, меморијата на соништата, емоционалниот тон… Општото здравје на учесниците беше посебно испитано, а истражувачите собраа и податоци за моделите и квалитетот на нивната исхрана. Групата испитаници што имаа нездрави навики во исхраната вклучуваше лица што често јадат брза храна, прескокнуваат оброци или јадат доцна навечер. Тие, според анализата на собраните податоци, имаат повеќе кошмари и генерално спијат лошо во текот на ноќта. Сепак, само мал број испитаници рекоа дека веруваат дека храната директно влијае на соништата, а многумина веруваа дека зачинетата храна е всушност причина за кошмарите.
– Повеќето луѓе ги обвинуваат слатките за лошите соништа, но не треба да заборавиме дека тие често се прават и од млечни производи. Нетолеранцијата на лактоза се покажа како најсилниот диететски фактор поврзан со кошмарите – истакна Нилсен.
Овој експерт истакнува дека постојат многу докази дека одредени видови храна, ако се консумираат непосредно пред спиење, може да имаат негативно влијание врз сонот. Сепак, она што се јаде, во форма на млечни производи, досега не беше директно поврзано со лошиот квалитет на спиење. Експертите советуваат за вечера, која треба да биде завршена до 20 часот, да јадете здрава храна, која е лесно сварлива, без прекумерни количества зачини. Идеален оброк може да биде печен зеленчук или салата од сезонска храна.