Фото: Илустрација/Пиксабеј

Најбизарните последни оброци на осудениците на смрт

Некои американски осуденици на смрт имаат право на последен оброк по свој избор пред нивната егзекуција, а она што го нарачал еден осуден убиец било доволно да се нахранат десетина луѓе и се смета за најголем последен оброк на осуденик на смрт во историјата. Сѐ се случило во 2012 година, кога 49-годишниот месар Гери Карл Симонс бил погубен во затвор во Мисисипи.
Кога дошло време да го погубат, Симонс нарачал неколку оброци од речиси 30.000 калории, доволно за да нахранат десет луѓе. Не е познато дали успеал да го изеде сето тоа, но, наводно, изел половина од овој оброк 90 минути пред неговата егзекуција и пробал по малку од сѐ. Тој нарачал две пици со средна големина со печурки, кромид, пиперки халапењо и салама феферони и една обична пица со три вида сирење, маслинки, пиперки, домат, лук и италијански колбас. Нарачал и десет пакувања пармезан од 200 грама, десет пакувања ранч-сос од 200 мл, едно семејно пакување сирење, 200 мл сос од сирење со пиперки халапењо и уште 100 гр исечкани пиперки халапењо.
Како прилог нарачал и големи помфрит со кечап и мајонез, а во целата нарачка имало место за десерт, па овој осуденик на смрт решил да се почести со уште два големи милкшејка од јагоди, два сладоледа од јагоди и две кока-коли со вкус на цреша.
Овој осуденик можеби е рекордер по бројот на јадења и калории, но дефинитивно не е единствениот што нарачал големо количество храна за последниот оброк. Џон Вејн Гејси, кој уби 33 млади мажи во Илиноис во 1970-тите, побарал 12 пржени ракчиња, кофа со оригинален рецепт КФЦ, помфрит и половина килограм свежи јагоди. Лоренс Расел Бруер, расист осуден за убиство на маж во Тексас во 1998 година, нарачал две парчиња пржено пилешко, чизбургер со тројна сланина, омлет со сирење, голема чинија пржени бамји, три фахити, половина килограм скара со половина бел леб, пица, три пива, сладолед од ванила и путер од кикиритки. Но тој не вкусил ништо од тоа, па од 2011 година, затворските службеници во Тексас престанале да ги служат последните оброци на осудените затвореници.
Роберт Дејл Конклин, кој го убил својот љубовник со шрафцигер, а потоа го сецирал неговото тело во 1984 година во Џорџија, добил филе мињон завиткано во сланина, ракчиња запржени со путер, лук и лимон, печени компири со путер, павлака, младо лукче и парчиња сланина, пченка на кочан, аспарагус, леб со путер, козјо сирење, диња, пита од јаболка, сладолед од ванила и ладен чај.
Виктор Фегуер, кој беше осуден за убиство и егзекутиран со бесење во 1963 година на 28-годишна возраст (последниот човек што беше осуден на смрт во државата Ајова) пред неговата смрт, наводно, побарал необичен последен оброк – само една маслинка со семка, со надеж дека од неговиот гроб ќе никне маслиново дрво како симбол на мирот.