Фото: Пиксабеј

Неандерталците како уметници

Научниците во Шпанија велат дека го откриле најстариот целосно зачуван човечки отпечаток од прст откако ископале карпа за која велат дека личи на човечко лице. Тие сугерираат дека ова би можело да биде доказ дека неандерталците создавале уметност. Се верува дека некој неандерталец го натопил прстот во црвен пигмент за да го обои камчето пред околу 43.000 години. Каменот е откриен во Сан Лазар, во Сеговија, Шпанија, каде што живееле неандерталците. „Стратешката позиција“ на отпечатокот ги наведе научниците да го сметаат тоа за доказ за „симболично однесување“ на неандерталците, што сугерира дека тие биле способни да размислуваат на апстрактен начин.
– Ова откритие ќе придонесе за тековната дебата за тоа дали неандерталците биле способни да создаваат уметност – рече Марија де Андрес-Хереро, коавторка на студијата.
Ископувањата во Сан Лазаро започнаа пред пет години, а во 2022 година беше откриено необичното камче.
– На почетокот не можевме да им веруваме на нашите очи. Таму стоеше камен, поголем од другите на тоа место, со црвена точка во средината што личеше на човечко лице – додаде професорката Андрес-Хереро од мадридскиот Универзитет „Комплутенсе“.
На почетокот не било јасно дали местото е обоено со природен глинест пигмент. Откако ова беше потврдено, истражувачите поканија други колеги да им помогнат во понатамошното истражување. Тимот успеа да спроведе детална анализа и да го идентификува отпечатокот од прст. Анализата, исто така, покажа дека отпечатокот му припаѓал на возрасен маж. Археологот Давид Алварез Алонсо, коавтор на студијата, сепак рече дека не постои друг отпечаток од прст од неандерталец со кој би можел да се спореди овој, па затоа е невозможно со сигурност да се знае кому всушност му припаѓал. Камчето е најстариот пренослив предмет насликан на европскиот континент и единствениот пренослив уметнички предмет насликан од неандерталците. Откритието дава значаен придонес во дебатата за симболичниот капацитет на неандерталците, бидејќи е првиот познат предмет обележан со пигмент во археолошки контекст. Човечкиот отпечаток е пронајден на место каде што не можел да има никаква практична употреба, што покажува дека точката на камчето имала уметничка намена.
– Се претпоставува дека неандерталецот пронашол камен што му го привлекол вниманието поради неговите пукнатини и дека намерно направил белег во средината на предметот користејќи пигмент – рече професорката Алонсо.
Истражувачите веруваат дека црвениот знак не е направен случајно, бидејќи црвениот пигмент не постоел на местото каде што живееле неандерталците, што значи дека бил донесен таму намерно.
– Камчето од Сан Лазар има голем број карактеристики што го прават исклучително и врз основа на кои го гледаме како визуелен симбол што на одреден начин би можел да се смета за дел од преносливата уметност – напишаа истражувачите во трудот.