ПРЕДВИДУВАЊАТА НА ТЕСЛА
Преку паметните уреди и масовната комуникација, до безжичниот пренос на енергија и општествените промени, неговите идеи продолжуваат да воодушевуваат со својата предвидливост. Никола Тесла, еден од најголемите умови на 20 век, не беше само пронаоѓач туку и неверојатно прецизен визионер. Уште во првите децении од минатиот век, во своите предавања и интервјуа, Тесла предвиде голем број иновации што денес го обликуваат нашето секојдневие.
Паметни уреди и масовната комуникација
Уште во 1926 година Тесла зборуваше за можноста луѓето да комуницираат преку мали уреди, способни да пренесуваат слики и звук на долги растојанија.
– Преку телевизијата и телефонијата ќе се гледаме и слушаме совршено како да сме лице в лице, и покрај растојанието од илјадници километри… Човекот ќе може да носи еден уред во џебот од својот елек – рекол Тесла во тоа време.
Во време кога комуникациите биле ограничени на телеграфски и телефонски линии, оваа изјава била зачудувачки футуристичка.
Еколошка свест пред своето време
Во 1935 година Тесла ја предвидел потребата од институционализирана заштита на животната средина. Тој зборувал за загадувањето како предизвик што ќе биде незамислив за идните генерации.
– Загадувањето на нашите плажи што постои околу Њујорк денес ќе им изгледа незамисливо на нашите деца и внуци, исто како што ни изгледа животот без вода за пиење – рекол тој.
Неговите предвидувања се остварија во 1970 година, со основањето на Агенцијата за заштита на животната средина на САД.
Знаење, а не војна
Тесла верувал дека идните генерации ќе ги ценат знаењето и научниот напредок повеќе од воените победи.
– Ќе биде пославно да се бориме против незнаењето отколку да умреме на бојното поле. Откривањето нова научна вистина ќе биде поважно од препирките на дипломатите – изјавил тој во 1935 година, промовирајќи визија за свет во кој образованието и истражувањето стануваат приоритети.
Подемот на женскиот интелект и новото општество
Едно од неговите најинтригантни предвидувања се однесуваше на општествената улога на жените. Уште во 1926 година Тесла тврдеше дека жените ќе добијат супериорност во образованието и научните достигнувања.
– Оваа борба на човечката жена за еднаквост на половите ќе заврши со нов родов поредок, со жената како супериорна – изјавил Тесла.
Автоматизација и роботи
Тесла беше меѓу првите мислители што сериозно ја разгледаа можноста за роботи и автоматизација.
– Решението за нашите проблеми не е да се уништи, туку да се совлада машината… Безброј активности што сè уште се извршуваат од човечки раце ќе ги извршуваат автомати… Во 21 век роботот ќе го заземе местото на робовската работа – предвиде тој во 1935 година.
Денес, со развојот на вештачката интелигенција и роботиката, тие зборови звучат пророчки.
Летачки машини и глобално разбирање
Тесла исто така го замислил развојот на летачки машини што нема да користат гориво, што би можело да доведе до поголемо меѓународно разбирање и соработка.
– Ќе биде политички ефикасно со хармонизирање на меѓународните интереси; ќе создаде разбирање наместо разлики – изјавил тој во 1926 година, сугерирајќи дека техничките достигнувања би можеле да помогнат во градењето мир.
Визија за безжична енергија
Друг аспект на неговата предвидливост бил концептот на безжичен пренос на енергија.
– Кога безжичниот пренос на енергија ќе стане комерцијален, транспортот и преносот ќе бидат револуционизирани. Филмовите веќе се пренесуваат безжично на кратки растојанија. Подоцна, растојанието ќе биде неограничено – тврдел Тесла.
Оваа визија сè уште инспирира истражувања во областа на безжичното полнење и дистрибуцијата на енергија денес.
Читање мисли: границата помеѓу науката и филозофијата
Во 1933 година Тесла презентираше теорија според која сликите од човечкиот ум би можеле да се рефлектираат и анализираат.
– Предметите што човекот ги замислува би биле јасно рефлектирани на екранот додека се формираат, на тој начин секоја мисла на поединецот би можела да се прочита. Нашите умови тогаш навистина би биле како отворени книги – рекол тој.
Иако оваа идеја сè уште е во сферата на футуризмот, модерната невротехнологија веќе истражува слични можности.
Никола Тесла не беше само иноватор туку и вистински визионер чии погледи за иднината ги обликуваа темелите на денешниот свет. Неговите зборови продолжуваат да ги инспирираат научниците, инженерите и мислителите низ целата планета, покажувајќи како еден гениј може да гледа далеку пред своето време.
































