Џ.Р.Р. Толкин е еден од најпознатите писатели на 20 век, основач на жанрот фантазија, познат по ремек-делото „Хобит“ и трилогијата „Господар на прстените“. Во детален прилог, Би-би-си открива од каде легендарниот писател ја добил својата инспирација за делото што новозеландскиот режисер Питер Џексон го претвори во една од најпознатите филмски адаптации во историјата.
Тој измислил цел свет и создал нови јазици, пишувајќи за доброто и злото, светлината и темнината, надежта и пријателството, оставајќи нè должни на неговите дела на многу начини. Џон Роналд Руел Толкин, познат како Џ.Р.Р. Толкин, е британски писател, поет, филолог и професор на Универзитетот во Оксфорд. „Хобитот“ и трилогијата „Господар на прстените“ се неговите најпознати дела, со кои го популаризира жанрот фантазија. Потоа излегол култниот „Силмарилион“, на кој работел цел живот; збирка приказни и есеи што дава поширока слика за Средната Земја, во која, меѓу другото, ни дава детален увид во првата доба, старите денови, историјата на џуџињата и војната против Моргот, првиот господар на темнината, кој им ги украде силмарилите, накитот што ја содржи чистата светлина на Валинор.
Иако првично требало да се вика „Книга за изгубени приказни“, овој ракопис подоцна Толкин го преименувал во „Силмарилион“. Тој своевремено рекол дека ја градел идејата многу долго, почнал да го пишува во 1917 година и продолжил во текот на целиот свој живот. Објавен е постхумно во 1992 година од неговиот син Кристофер Толкин, а дел од делото е адаптирано минатата година – серијата „Прстени на моќта“ во која е прикажано како Саурон ги измамил џуџињата и создал три прстени за џуџињата. Толкин ја добил идејата за „Силмарилион“ на бојното поле за време на Првата светска војна и гледајќи како цела генерација Англичани исчезнуваат во калта, решил да напише збир на легенди и да ги посвети на својата земја. Тој исто така признал дека „Господарот на прстените“ „во основа е религиозно и католичко дело“.
Во интервју од 1968 година за Би-би-си, Толкин зборувал за своите искуства за време на Првата светска војна, во која загубил многу пријатели и колеги и како овие искуства влијаеле врз него и ја обликувале трилогијата „Господар на прстените“.
– Приказните на луѓето секогаш се за една работа – смртта. Неизбежноста на смртта – рекол Толкин во документарецот на Би-би-си од 1968 година, обидувајќи се да објасни за што всушност се работи во неговото ремек-дело. Романот, чиј прв том е објавен пред 70 години, во 1954 година, ги воодушевува читателите уште откако се појави на полиците. „Господарот на прстените“, со сложениот свет и деталните истории на земји населени со џуџиња, хобити и волшебници и злобниот Саурон, до времето на интервјуто веќе стана бестселер и камен-темелник на фантазијата.