Фото: Пиксабеј

Говорејќи за успешни и долготрајни врски, многумина велат: Сè додека постои љубов, сè друго – секоја пречка може да се надмине. Но, во реалноста, многу врски што започнале со голема страст и искрени чувства – не преживуваат. Порталот „Индекс“ прашува: Зошто?

Според бројни терапевти и советници за врски, постои еден фундаментален елемент што често е поважен во среќната врска, и од самата љубов. Тоа е меѓусебното почитување. Љубовта без почит често се развива во нездрава динамика и рутина, каде што партнерите не се слушаат едни со други, ги преминуваат границите или ги омаловажуваат потребите на другата личност. Почитта, од друга страна, создава чувство на сигурност, вреднување и прифаќање, а тоа се можеби клучните предуслови за трајна врска.

Советувачите за врски и меѓучовечки односи нагласуваат дека почитувањето значи и признавање на разликите, одлуките и грешките на Вашиот партнер, без потсмевање, омаловажување или обид за контрола. Ова вклучува мали секојдневни гестови – начинот на којшто разговараме еден со друг, како слушаме кога нашиот партнер ни се отвора и колку сериозно ги сфаќаме неговите потреби.

Кога почитта е нарушена, дури и најголемата заљубеност на крајот се претвора во фрустрација, оддалечување и недоверба.

Затоа, успешните врски не се само чувства, туку и избор – да се биде внимателен секој ден, да не се зема другата личност здраво за готово и да се негува меѓусебната почит. Љубовта е важна, но без почит, таа не може да расте, велат стручњаците. Токму ова дневно ниво на почит најмногу ги разликува среќните парови од оние кои на крајот го губат она што го имале.