Опасности при престој во природа за време на празниците
Прославувањето на првомајските и велигденските празници најчесто се случува во природа. Вообичаено кај нас, овие денови се користат за излети во природа, особено ако временските услови се поволни. Речиси секој град има свои традиционални излетнички места, а тоа се најчесто зелени прекрасни ливади покрај вода каде што се прави традиционална скара и со песна и игра се поминуваат празниците, особено ако се поврзани со викенд, како што е годинава, кога многумина се одлучуваат за бегство од главниот град. Постојат многу убави места во околината на главниот град, идеални за пикник во природа. Но престојот во природа со себе носи и одредени опасности, а една од нив е каснувањето од змија.
Каснувањето од отровна змија е итен медицински случај што мора веднаш да се третира. Доколку сте каснати, важно е да останете смирени и присебни, да не трчате и паничите, бидејќи тоа ќе предизвика отровот побрзо да се прошири низ телото. Доколку препознаете дека се работи за отровна змија, присутна на нашите простори, упатете се во најблиската медицинска установа што е можно поскоро или јавете се на брзата помош за да добиете противотров.
– Неопходно е да лежите или да седите мирно до пристигнувањето на брзата помош или пристигнувањето во болница. Имобилизирајте ја раката или ногата каде што е раната од каснување, за да спречите движење, што го забавува ширењето на отровот во лимфниот и крвниот систем. Раката треба да биде поставена на ниво на срцето, а ногата да се држи подигната, што може да го намали отокот – порачуваат експертите.
Неколку совети:
– Не чекајте да се појават симптоми во случај на каснување, туку веднаш побарајте лекарска помош.
– Не нанесувајте лигатура бидејќи го спречува протокот на крв и може да предизвика некроза.
– Не сечете ја раната со нож, ниту на кој било друг начин.
– Не обидувајте се да го исцицате отровот.
– Не нанесувајте мраз и не потопувајте го местото на каснување во вода.
– Не пијте алкохол како аналгетик.
– Не земајте лекови против болки (како аспирин, ибупрофен).
– Не обидувајте се да ја фатите змијата поради ризик од дополнителни каснувања.
– Лекарите добро знаат да препознаат каснување од отровна змија, а за каснувањето на сите наши отровни змии се користи уникатен противотров.