Холивудскиот глумец Шон Пен е повторно во Украина, за да помогне во хуманитарната програма за бегалците. На фотографијата што ја објави на социјалните мрежи тој е во друштво на шефот на регионалната администрација на Лавов, Максим Козитски.
На почетокот на руската инвазија на Украина, на 24 февруари, тој беше во главниот град Киев, каде што снимаше документарец. Оттогаш неговата добротворна организација работи на обезбедување сместување и образование за украинските бегалци во Полска.
Непосредно пред доделувањето на „оскарите“, Шон Пен се закани дека ќе ги претопи своите статуетки доколку украинскиот претседател Зеленски не добие можност да се обрати на годинашното доделување на наградите во Лос Анџелес. Обраќање немаше, но имаше едноминутно молчење за жртвите во Украина.