Германски и египетски археолози што го истражуваа меморијалниот храм на египетскиот фараон Аменхотеп Трети во египетскиот антички град Теба открија голема колекција од огромни парчиња варовник, за кои се покажа дека се остатоци на антички египетски статуи.
Според Мустафа Вазири, генерален секретар на Високиот совет за антиквитети, на ѕидовите и столбовите биле откриени фрагменти украсени со свечени и ритуални прикази. Меѓу пронајдените фрагменти има делови од две колосални варовнички статуи на фараонот Аменхотеп Трети, во облик на сфинга, која е долга околу осум метри.
На главата на фараонот може да се забележи немезис, односно кралска покривка за главата, која служела како еден од симболите за моќ на египетските владетели. Според Вазири, статуите биле пронајдени на задната страна на портата, при што биле темелно исчистени и обновени.
Истражувачите успеаја да го прочитаат натписот што се наоѓа на пределот на градите на една од статуите. Текстот го содржи името на египетскиот фараон Аменхотеп, кое значи „се поклонувам пред богот Амон Ра“.
Тимот на археолози пронашол и три бисти, како и три долни делови од статуа на божицата лав, која е позната како Секмет. Таа е пронајдена во отворен двор пред голема сала на храмот со столбови. Пронајдените фрагменти ќе бидат со другите артефакти што беа пронајдени во минатото на истата локација, а потоа ќе бидат изложени во храмот на нивните оригинални места.
На релјефот беа пронајдени и фрагменти од ѕидни украси од песочник на кои се прикажани сцени од јубилејниот празник на Аменхотеп Трети, како и сцени од жртви посветени на различни египетски богови и божици.
Истражувањата се вршат на локација за која постои проект за зачувување и реставрација, изработен во 1998 година од страна на египетското министерство за туризам и антиквитети, како и од страна на Германскиот археолошки институт во Каиро.
Истражувачите велат дека токму периодот на владеењето на Аменхотеп Трети (1388 – 1351 пред нашата ера) бил кулминација на градежната активност во античкиот град Теба. Храмскиот комплекс бил изграден од нубиски песочник, меѓутоа величествениот комплекс бил уништен како последица на силен земјотрес уште во времето на древниот Египет.
Аменхотеп Трети – фараонот градител
Аменхотеп Трети е деветтиот египетски фараон од осумнаесеттата египетска династија. Неговото владеење било период на просперитет на древната египетска цивилизација, кој се карактеризира со редок пример на траен мир. Неговото владеење е запаметено по спектакуларните градби, особено во Теба, каде што бил изграден нов храм посветен на богот Амон.