Со својата највисока точка, врвот Титов Врв, оваа трка е во топ пет највисоки трки на
Балканскиот Полуостров или највисока трка во поранешните југословенски земји

„Титов Врв скајрејс“ претставува екстремна високопланинска трка и ова седмо издание на највисоката трка кај нас ќе се одржи на 22 јуни на Попова Шапка.

Трката е со вкупна должина на патеката од 20 километри и висинска денивелација од 1.900 метри (искачување и спуштање). Таа се дефинира како класично скајранинг-натпреварување. Стартот и финишот на трката се на Попова Шапка на 1.750 м н.в, а се искачуваат неколку врва над 2.500 м н.в., меѓу кои и највисокиот на Шар Планина, Титов Врв, со 2.747 м н.в, кој е највисока точка на трката.
– Овој настан се одржува во континуитет од 2019 година, со веќе реализирани шест успешни изданија, со присуство на домашни и странски натпреварувачи, меѓу кои, токму на ланското издание учествуваше и светскиот скајранинг и треил атлет, шведскиот репрезентативец Мартин Нилсон, кој и го проби последниот рекорд на патеката и истрча за неверојатни два часа и 11 минути – ни споделија организаторите.

„Титов Врв скајрејс“ е сертифицирана трка во рамките на светската скајранинг-федерација и носи бодови во рамките на рејтинг-листата на федерацијата. Оваа трка меѓу другото е и национално првенство и изборна трка во две дисциплини – вертикален километар и класик скајранинг, од која се формира и дел од скајранинг-репрезентацијата на Македонија, која оваа година ќе настапи на европското првенство во Италија, 3-6 јули.
– Овој настан покрај спортскиот дел истовремено ги промовира природните и туристичките потенцијали на Националниот парк Шар Планина, со кои сме во постојана комуникација, и значењето на природата, планинарството и промоцијата на планинското трчање преку уживање во бесценети погледи на долините по должината на патеката. Секоја година се обидуваме да ја дополниме програмата, па оваа година на стартот/финишот ќе имаме и штанд „Секнд хенд аутдор гиар“ на кој секој ќе може да купи, да подари или да продаде свое користено или неискористено парче зачувана спортска опрема – информира Душко Петрушевски, организатор на трката и претседател на планинарскиот клуб „Македон“.

Скајранинг како дисциплина се појави во раните 1990-ти години во Италија, а основоположник е италијанскиот планинар Марино Џијакоменти, кој заедно со свои истомисленици започнал со брзи искачувања, трчање и организација на трки на Алпите. Постојат неколку услови за трката да влезе во категорија скајранинг, кои се воспоставени од почетокот на овие трки и кои се дефинирани од Интернационалната скајранинг-федерација (ИСФ). С.Ј.